Известувачот на ЕП, Томас Вајц се сретна со раководството на ВРЕДИ

Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц е во Македонија. Без никаква најава, туку само преку соопштение од Собранието, јавноста дозна дека тој е во земјава. И, дека веќе остварил средба со раководството на ВРЕДИ.
На средба со него во зградата на законодавниот дом биле координаторот на пратеничката група на Влен, Беким Ќоку, вицепремиерот Беким Сали и градоначалникот на Чаир, Изет Меџити.
Според соопштението, без да се прецвизираат детали, на средбата била изразена благодарност за континуираната поддршка на Европската унија и Европскиот парламент за евроинтегративниот процес на државата, како и за поддршката на реформската агенда насочена кон зајакнување на владеењето на правото, демократијата и институционалната стабилност.
Се разговарало за актуелните политички состојби, реформските приоритети и следните чекори на патот кон полноправно членство во Европската унија, при што била потенцирана потребата од одржување на реформскиот курс и силна политичка волја.
Нема повеќе информации каква ќе биде агендата на евроизвестувачот Вајц, колку тој ќе престојува во Македонија и со кого ќе се сретне.






