Продолжува судењето за пожарот во „Пулс“
Со сослушување сведоци и законски застапници на оштетените денеска во судницата во Идризово продолжува судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.

Случајот го води судијката Дијана Груевска Илиевски и се наоѓа во доказна постапка со сослушување на сведоци предложени од Обвинителството. За денешното рочиште, како што е најавено, треба да бидат сослушани пет сведоци.
На минатото рочиште беа сослушани повеќе сведоци, кои кобната вечер биле во дискотеката. Во своите искази тие ја опишаа атмосферата на паника и хаос што настанале во моментот кога пламените јазици и чадот ја зафатиле преполната дискотека, како и последиците што ги трпат до денес.
Адвокатот Петре Шилегов, пред почетокот на минатото рочиште побара да се има предвид брифингот на ОЈО ГОКК за запирање на постапката за службени лица и за целисходност и економичност на постапката таа да се запре и ЈО да ја преиспита околноста изнесена од ОЈО ГОКК, нагласувајќи дека за дел од сега обвинетите може да се поистоветат и повлечат обвиненијата.
-Од Обвинителството се контрадикторни за ист настан и исти околности против службени лица. За мене извесен е исходот со ваквиот став на Обвинителството. Мислам дека е поцелисходно наместо да продолжиме, Обвинителството да се преиспита. Едно судење државата ја чини 150 илјади евра. Тогаш сериозно треба да се преиспита и економичноста на постапката. Знам дека не сме во таа фаза, но ќе ви доставам копија од брифингот, изјави Шилегов.
Обвинителот Борче Јанев укажа дека ЈО ги нема одлуките од брифингот на ОЈО ГОКК за запирање на постапката за полициските службеници, посочувајќи дека таквите одлуки подлежат на оценка од повисоките ЈО и дека со оглед на краткиот рок не се конечни.
– Обвинителниот акт напоменувам не опфаќа полициски службеници, а ЈО за нив опфаќа исти дела. Денеска во судницата сме по одобрен и стапен во сила обвинителен акт. ЈО ги нема овие одлуки на ОЈО ГОКК и со тоа нема увид дали се таму наведени оштетени лица и причините за штета, изјави Јанев.
На почетокот на процесот, во воведното излагање, обвинителот Борче Јанев истакна дека судењето е чекор кон утврдување на лична и институционална одговорност, нагласувајќи дека општеството мора да се соочи со вистината – кој дозволил, кој молчел и кој не спречил да се случи трагедијата во „Пулс“
Тој порача дека не е важно само кој го запалил огнот, туку и кој имал можност да го спречи, посочувајќи дека трагедијата не е резултат само на пиротехниката, туку на долгогодишни системски пропусти, институционален молк и недостиг на контрола што ја претвориле дискотеката во „смртоносна стапица“.
Јанев нагласи дека се бара правда, не како одмазда, туку како последица на незаконитост и занемарена должност.
Повеќемина обвинети, преку своите адвокати, ја оспорија основаноста на обвинението. Нивните одбрани тврдат дека обвинетите не презеле дејствија што би можеле да доведат до пожарот, дека поседувале валидна документација и дека трагедијата е резултат на институционални пропусти, а не на индивидуална вина.
Одбраната најави изведување докази и сведоци што, според нив, ќе ја потврдат оваа теза. Во воведен збор, одбраната на првообвинетиот сопственик на дискотеката „Пулс“, Дејан Јованов, истакна дека и по девет месеци притвор не може да поверува во трагедијата и дека како родител никогаш не би дозволил небезбедни услови во клубот. Неговиот син, третообвинетиот Михаил Јованов, преку одбраната тврди дека против него нема ниту еден доказ и дека е обвинет само затоа што е член на семејството Јованови.
Сите останати обвинети изјавија дека не чувствуваат вина за делото што им се става на товар.
На 16 март 2025 година, за време на настап на групата „ДНК“ во дискотеката „Пулс“ во Кочани, избувна пожар во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Во објектот имало над дозволениот број посетители, меѓу кои и малолетници, а пиротехнички средства биле активирани без дозвола. Објектот работел незаконски повеќе од една деценија, без минимално-технички услови, со реконструкции без дозволи и без систем за противпожарна заштита.






