Панделевски: Не барав привилегии, туку фер и законска постапка

Бизнисменот Панделевски со реакција по одлуката на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција да го повлече обвинението против него во предметот „Империја“, оценувајќи дека со ова, како што наведува, се потврдило дека против него не постоеле релевантни докази за сторено кривично дело.
Во писмената реакција, Панделевски посочува дека од почетокот на постапката укажувал дека обвинението е правно и фактички неосновано, како и дека процесот бил оптоварен со сериозни процесни пропусти. Според него, во текот на постапката биле водени две обвиненија – едното за наводна злоупотреба на положбата и оштетување на акционерите на „Бетон – Штип“, кое подоцна било повлечено, а второто за наводна измама и перење пари.
Тој наведува дека обвинението за злоупотреба било повлечено откако, како што тврди, не бил утврден ниту еден оштетен акционер, додека во вториот дел од постапката, по изјавите на лица кои биле споменати во предметот, станало јасно дека нема фактичка и правна основа за продолжување на обвинителниот акт.
Со повлекувањето на обвинението, според Панделевски, се потврдува дека не постојат докази за намера за прибавување противправна имотна корист, ниту дека некој бил доведен во заблуда или дека тој имал влијание врз одлуките на акционерите.
Сепак, тој оценува дека исходот не го смета за победа, туку за, како што наведува, задоцнета институционална потврда дека правото и фактите мора да надвладеат. Посочува дека повеќегодишната постапка оставила последици врз неговиот личен и деловен интегритет, како и врз компаниите со кои е поврзан, поради правна неизвесност и нарушена деловна репутација.
Панделевски најавува дека во наредниот период ќе направи анализа на правните, економските и репутациските последици од случајот, по што ќе донесе одлука за понатамошните чекори, вклучително и за можноста за исправување на, како што вели, нанесената штета.






