Советничка група „Доста беше”: Судир на интереси во кочанскиот совет – претседателот на совет на општина Кочани во исто време е и директор на ОУ

Судир на интереси во кочанскиот совет. Независната советничка група во Советот на о. Кочани “Доста беше” денес на прес алармираа за како што велат тие, кршење на законот.
Имено, актуелниот претседател на Советот, Александар Андов во исто време ја врши функцијата и директор на основното училиште ,,Никола Карев”, обвинуваат од кочанската независна советничка група.
Независните веќе добиле и официјален одговор од Државната комисија за спречување на корупција, во кој стои дека вршењето на функцијата директор на основно училиште е неспојлива со вршење на функцијата член на Советот на општина Кочани како избрано лице на непосредните Локални избори минатата година. Поради ова, независните советници велат дека ќе ги преземат сите потребни чекори и судски инстанци, со цел да се спречи било какво кршење на законот.
ТВ 24 го контактираше и Александар Андов, кој по обвинувањата на денешната прес конференција возврати дека независните советници наместо да зборуваат за капитални проекти се занимавале со дневно-политички теми и кратко посочи дека тој ќе ги почитува сите законски прописи.
АЛЕКСАНДАР АНДОВ – ДИРЕКТОР НА ОУ ,,НИКОЛА КАРЕВ” И ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СОВЕТ НА О. КОЧАНИ
– На независно-зависните советници очигледно е дека многу им значи да се појавуваат на медиуми и социјални мрежи, но што друго да се очекува од личности кои ја искористија познатата депонијада и несреќата во Кочани за да станат советници. Јас ќе ги почитувам сите законски прописи и нормативи како што предвидува законот секогаш како и до сега.
Неофицијално, ТВ 24 дознава дека ова не е единствен случај на судир на интереси во кочанскиот совет, туку има и други советници кои се на високи позиции во јавната и општинската администрација
Извор: 24.mk






