Иран е подготвен да го разреди збогатениот ураниум ако се укинат сите санкции, изјави директорот на иранската организација за атомска енергија

Иран е подготвен да го разреди својот високо збогатен ураниум доколку САД ги укинат сите санкции, изјави директорот на иранската организација за атомска енергија, Мохамед Еслами, по почетокот на преговорите со САД за нуклеарната програма на Иран.
Како одговор на прашањето за можноста за разредување на ураниум збогатен до 60 отсто, Мохамед Еслами нагласи дека тоа ќе зависи од укинувањето на сите санкции. Тој не појасни дали станува збор за сите санкции воведени врз Иран досега или само на тие што ги воведоа САД, објави иранска новинска агенција.
Пред израелско-американските напади врз иранските нуклеарни постројки во јуни минатата година, Иран збогатуваше ураниум до 60 отсто, што е далеку над ограничувањето од 3,67 отсто поставено според нуклеарниот договор од 2015 година со САД, Велика Британија, Франција, Германија, Русија и Кина, кое веќе не важи.
Разредувањето на залихите од ураниум би ѝ овозможило да ја намали стапката со која го збогатува ураниумот.
Западните земји, предводени од САД и Израел, најголемиот непријател на Исламската Република и кои се сметаат за единствена нуклеарна сила на Блискиот Исток, се сомневаат дека Техеран се стреми да се здобие со нуклеарно оружје. Иран ги негира таквите воени амбиции.
Според Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Иран е единствената земја без нуклеарно оружје што збогатува ураниум до 60 отсто. Кога е збогатен на ниво меѓу три и пет отсто, ураниумот може да ги напојува нуклеарните централи што произведуваат електрична енергија. Кога е збогатен на ниво од 20 отсто, се користи за производство на медицински изотопи кои играат улога во дијагностицирањето на одредени видови рак. За да се произведе бомба, ураниумот мора да се збогати на ниво од 60 отсто.
Сè уште не е јасно за што ќе се користи иранската залиха од 400 кг високо збогатен ураниум, која последен пат беше проверена од претставници на МААЕ во јуни минатата година. Доколку оваа залиха не биде уништена, Иран теоретски би можел да произведе повеќе од девет бомби ако ги збогати своите залихи од ураниум до 90 отсто.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, постојано повикува на целосна забрана за збогатување на ураниум од страна на Иран, што е неприфатлив и неповолен услов за Техеран во однос на договорот од 2015 година.






