Британскиот музеј купи неодамна пронајден приврзок на Хенри Осми за четири милиони евра
Приврзок, познат како „Тудорско срце“, направен во 16 век, а повторно откриен во областа на Ворикшир пред неколку години, е откупен од Британскиот музеј во Лондон. Преку јавни донации и средства, за таа цел се собраа четири милиони евра.

Златниот приврзок во облик на срце му припаѓал на британскиот крал Хенри Осми од династијата Тудори и неговата сопруга Катерина од Арагон. Артефактот од 16 век, преоткриен во 2019 година, сега ќе биде јавно изложен, објави „Скај њуз“. Досега, предметот му припаѓаше на пронаоѓачот – сопственикот на земјиштето каде што наодот бил откопан пред седум години, се додава.
Повеќе од 45.000 Британци донираа средства, а најголемите придонеси доаѓаат од Националниот фонд за споменици и наследство којшто придонесе со два милиони евра, фондот „Џулија Раузинг“ – 575.000 евра и здружението „Aмерикански пријатели на Британскиот музеј“ – 345.000 евра.
Музејот планира да го вклучи приврзокот во својата постојана колекција, а следи и турнеја / обиколка со низа изложби ширум Велика Британија.






