Гаши не го стави на гласање предлогот за зголемување на минималецот, пратениците на СДСМ ја напуштија седницата
Пратеничката група на СДСМ информира дека веќе поднела предлог-закон за зголемување на минималната плата на 600 евра. Според координаторот на пратеничката група, Оливер Спасовски, постојат финансиски можности за обезбедување средства за ова законско решение.

Спасовски потсети дека кога претходната влада дошла на власт, минималната плата изнесувала 8.560 денари, ниво кое било затекнато од времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Тој нагласи дека законскиот текст бил поднесен на 31 јануари.
„Кога заминавме од власт, минималната плата беше 22.400 денари. Тоа е основата врз која сметаме дека има можност за ново зголемување. Потребна е само политичка волја за да им излеземе во пресрет на работниците и да не ни се случуваат вакви слики на блокада на Парламентот“, изјави Спасовски од собраниската говорница.
На ова реагираше претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој истакна дека предлог-законот не може да биде ставен на гласање бидејќи не бил доставен до пратениците. Според него, документот бил вратен на доработка во собраниската архива. Гаши очекува дека на наредната собраниска седница предлогот ќе биде доставен до народните избраници






