(Видео) Вечерашниот земјотрес го почувствува половина од Балканот

Силен земјотрес со интензитет од 4,8 степени според Рихтеровата скала вечерва го погоди подрачјето околу Призрен, во близина на границата со Македонија, а потресот беше почувствуван и во поширокиот регион, сè до Белград.

Според првичните информации, епицентарот бил регистриран на околу 18 километри источно од Призрен, на релативно мала длабочина, што придонело земјотресот да биде почувствуван посилно на поширок простор.

Како што сведочат бројни граѓани преку сеизмолошки платформи и социјални мрежи, потресот бил почувствуван не само во Косово, туку и во Македонија – особено во Скопје и околината, како и во Албанија и Србија. Жители од Урошевац и Штимље наведуваат дека земјотресот бил силно почувствуван, со кратко, но интензивно тресење, додека според коментарите од Призрен, кој се наоѓа најблиску до епицентарот, потресот бил најсилен токму таму.

Во Призрен може да се забележи како производи паѓаат од полиците за време на земјотресот.

Дополнително, видеа што кружат на социјалните мрежи покажуваат дека жители на станбена зграда во Урошевац ја напуштиле зградата во паника во моментите на тресењето.

Според сведоштва на граѓани од Србија, земјотресот бил почувствуван и во Лесковац, Ниш, Гњилане, а според бројни објави – и во Белград.

Back to top button
Close