Данска вети „значителен придонес“ во новата мисија на НАТО на Арктикот

Министерот за одбрана на Данска, Троелс Лунд Поулсен денеска изјави дека неговата земја „значително ќе придонесе“ во новата мисија на НАТО – Арктичка стража.
– Ќе дадеме значаен придонес и мора да ја поддржиме динамиката, за да гарантираме дека Арктикот долг период ќе биде во плановите и вежбите на НАТО, истакна Поулсен.
Тој додаде дека поддршка ќе се утврди во координација со другите сојузници од Алијансата.
Данскиот началник на одбраната Михаел Вигерс Хилдгард наведе дека со Арктичка стража значително ќе се зајакне северното крило на НАТО и на Данска.
Целта е да се демонстрира способноста на НАТО за одвраќање во северниот дел од зоната на одговорност на Алијансата.
И Финска, која има 1.340 километри долга граница со Русија, ја поздрави иницијативата за зајакнување на безбедноста во регионот.
– За Финска е важно НАТО да има силни капацитети за одвраќање и одбрана во арктичкиот регион и да е способна да одговори особено на руската закана. Кина, исто така, се стреми да ја зајакне својата улога на Арктикот, се наведува во соопштението на финското Министерството за одбрана.






