Туфегџиќ за случајот „Онкологија 1“: Очекувам целосна дискредитација на обвинението

Продолжува судењето за случајот „Онкологија 1“ во Кривичниот суд во Скопје. Пред рочиштето, адвокатот на докторката Симонида Црвенкова, Владимир Туфегџиќ, изјави дека словенечкото вештачење според него е направено врз основа на селективна и нецелосна документација, каде не биле земени предвид претходните болести на пациентите, лекувањето во други клиники како ни македонските протоколи за лекување рак.

 

„На денешната расправа јас очекувам целосна дискредитација на обвинението бидејќи се докажа дека стручниот наод и мислење е направен врз основа на селективна и нецелосна документација, не се земени предвид претходните истории на болеста на пациентите, лекувањето во други клиники како ни операции и препораки во таа смисла. Понатаму, не се земени предвид националните протоколи на Македонија и она што е најбитно, вештакот се согласи дека во конкретниот случај се работи за лекување на метастатски рак кој е неизлечива болест и се потврди дека искусните онколози знаат еден месец пред настапувањето на смртта дека ќе настапи смрт на пациентот. Во постапката се докажува дека доктор Симонида правилно постапувала и го продолжила периодот за преживување повеќе од двојно кај секој пациент според стандардите потврдени со научни студии. Ова што го слушаме во судница е тема за некој национален или светски конгрес на онколози, но не за судска постапка – изјави Туфегџиќ.

Туфегџиќ додаде дека самото стручно лице од Словенија потврдило дека се работи за метастатски рак кој е неизлечлив и смртниот исход е сигурен, односно предвидлив.

„Самото лекување, применетиот медицински третман треба да биде во рамките на националните препораки кои ги применувале нашите лекари. Надвор од тоа не може да се бара никаква одговорност. Сите знаеме во каква кондиција е нашето здравство и во судница бевте присутни кога кажав дека ја бранам доктор Црвенкова, нејзините чест и углед, но ги бранам честа и угледот на здравствениот систем на Македонија“, рече Туфегџиќ објави Скопје1.мк

Back to top button
Close