ЦУК регистрира свлечишта и низа поплавени куќи, подруми и дворови низ цела држава.180 луѓе евакуирани
Во текот на ноќта, обилните врнежи од дожд предизвикаа излевање на Зајашка река на улица „Прилепска“ во Кичево, каде што се зафатени повеќе куќи. Извршена е евакуација на околу 180 лица, кои се згрижени во спортската сала „Христо Узунов“.
Регистрирано е и заезерување на улица „29 Ноември“ во населбата Подварош, при што се поплавени подрумски простории во повеќе објекти. Поплавени се и објекти на болницата во Кичево.
На терен интервенираат екипи на ОВР Кичево, ЈП „Комуналец“ и други надлежни служби. Известени се градоначалникот на Општина Кичево и Дирекцијата за заштита и спасување.
Во 10:00 часот раководителот на РЦУК – Кичево одржа состанок во Општина Кичево, по што беше организирана достава на храна и вода за евакуираните со помош на тимовите на Црвениот крст. Од Скопје се упатени дополнителни тимови со ќебиња, душеци, кревети и друга неопходна помош.
Според досегашните информации, нема животно загрозени лица, но превентивната евакуација продолжува. Врнежите и понатаму се интензивни, а состојбата внимателно се следи.
Скопски регион
Во текот на претпладневните часови, преку бројот 112 се примени повеќе пријави од граѓани.
Пријавени се:
поплавени дворни места во село Идризово (Општина Гази Баба),
поплавувања во село Буковиќ (Општина Сарај),
поплавено дворно место и подрум во село Зелениково (Општина Зелениково),
поплавено дворно место во населба Радишани (Општина Бутел).
Сите пријави се проследени до надлежните општини, извршен е увид на терен и се преземаат мерки за санирање на последиците.
Тетовски регион
Преку бројот 112 е пријавено свлечиште на патниот правец Тетово – село Џермо, поради што патот е блокиран за сообраќај. Известени се РЦУК – Тетово, ЈКП Тетово и полицијата.
Од 07:45 часот на патот Тетово – Попова Шапка е воведена забрана за сообраќај на тешки товарни возила и автобуси поради врнежи од снег.
Во однос на водостојот, засега нема зголемување на нивото на реките и не се очекува нивно излевање.
Снабдувањето со електрична енергија и вода за пиење е редовно.
Гостиварски регион
Во Гостивар и околните населби пријавени се поплавувања на куќи во село Беловиште, како и во населбите Циглана и Бањечница. Пријавен е и затрупан канал во село Балиндол, при што се поплавени неколку куќи.
Во една од поплавените куќи во Беловиште биле заглавени две деца и нивната мајка. За случајот веднаш се известени ТППЕ Гостивар и ОВР Гостивар.
Поплавите се резултат на излевање на Сушичка Река и затрупани канали. Планирано е ангажирање механизација за расчистување на теренот. Претставници од локалната самоуправа и Дирекцијата за заштита и спасување се на терен и ја следат состојбата.







