УХМР предупредува на зголемен водостој и можни локални излевања во западниот дел од земјата

Врнежите во изминатите 24 часа предизвикаа значително зголемување на водостојот на реките во западните делови од државата, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) во најновата хидролошка информација објавена денеска во 12:00 часот.

Според податоците на Секторот за хидрологија, зголемен е водостојот на сите реки во западниот дел од земјата, а во текот на денот се очекува понатамошно зголемување кај дел од нив. До крајот на денот се прогнозира висок водостој во горниот дел од сливот на реката Вардар, каде е можно заезерување во Полошката Котлина, како и локални излевања на помалите реки и суводолници во Гостиварскиот и Тетовскиот регион. Висок водостој се очекува и на самата река Вардар.

 

Зголемен водостој во текот на денот се очекува и кај реките Сатеска и Коселска, како и на останатите реки во Охридско-Струшкиот регион, каде на поединечни места се можни локални излевања на помалите водотеци. Реката Црна бележи зголемен водостој, а во нејзиниот слив се можни локални излевања во текот на денот, особено во Демир Хисар, Кичевско и Пелагонискиот регион.

Висок водостој има и реката Треска, при што се можни локални излевања кај селата Пласница и Лисичани. Дополнително зголемување на водостојот во текот на денот се очекува и на нејзината лева притока, реката Кичевска.

Од УХМР апелираат на претпазливо движење покрај реките и водотеците во западните делови на земјата во текот на денот, поради можност од појава на високи води. Во изолирани места во источните делови е можна појава на поинтензивни врнежи, поради што се препорачува внимателно следење на состојбата

Back to top button
Close