Трамп ги испраќа Виткоф и Кушнер на разговори за Иран

Специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, ќе ја посетат Женева оваа недела за да разговараат за нуклеарната програма на Техеран со иранските преговарачи, потврди денеска Белата куќа.

Американски функционер потврди дека двајцата пратеници, кои се главни преговарачи на Доналд Трамп со Иран, ќе го претставуваат Вашингтон за време на разговорите.

Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, ќе го претставува Техеран, објави претходно неговото министерство. Тој ќе се сретне и со своите швајцарски и омански колеги, како и со генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија.

Според Техеран, овие индиректни разговори ќе се одржат утре со посредство на султанот од Оман.

Техеран и Вашингтон ги продолжија разговорите во Мускат, главниот град на Оман, на 6 февруари, месеци откако претходните разговори беа прекинати во јуни минатата година поради 12-дневната војна меѓу Иран и Израел, предизвикана од израелските напади врз нуклеарните и воените објекти на Исламската Република. САД, исто така, ги бомбардираа иранските нуклеарни објекти.

Новите разговори доаѓаат откако Вашингтон му се закани на Техеран со воена интервенција по бруталното задушување на масовните протести во Иран.

По разговорите со Иран, се очекува Виткоф и Кушнер да учествуваат во преговорите меѓу Русија и Украина предводени од САД во Женева.

Back to top button
Close