Израел одбележува три години од нападот на Хамас во кој загинаа 1 200 луѓе

По повод годишнината, во Израел ќе се одржат повеќе комеморативни настани. Еден од нив ќе биде на местото на музичкиот фестивал „Нова“, во близина на границата со Газа, каде што во нападот беа убиени 348 млади луѓе. Одбележување ќе има и на „Плоштадот на заложниците“ во Тел Авив

epa13286414 Anti-government protesters hangs signs that read in Hebrew: ‘6:29 time to wake up’, referring to the start time of the 07 October 2023 Hamas-led attacks, at Habima square in Tel Aviv, Israel, 07 October 2026. EPA/ABIR SULTAN

Израел денеска одбележува три години од нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година, кој ја предизвика израелската воена офанзива врз Појасот Газа. Иако во меѓувреме беше постигнат прекин на огнот, состојбата во Газа и натаму е тешка, а преговорите за трајно решение остануваат без конечен договор, пренесува Ројтерс.

Во нападот на Хамас врз Израел беа убиени околу 1 200 луѓе, а 251 лице беше однесено како заложник во Газа. Нападот се смета за најсмртоносниот ден во историјата на Израел.

Како одговор, Израел започна голема воена операција во Газа. Според здравствените власти во енклавата, во последователните израелски бомбардирања и копнени операции загинале повеќе од 74 000 Палестинци. Податоците не прават разлика меѓу цивили и борци.

По повод годишнината, во Израел ќе се одржат повеќе комеморативни настани. Еден од нив ќе биде на местото на музичкиот фестивал „Нова“, во близина на границата со Газа, каде што во нападот беа убиени 348 млади луѓе. Одбележување ќе има и на „Плоштадот на заложниците“ во Тел Авив.

 

Годишнината во пресрет на изборите

Годишнината доаѓа во период на политичка неизвесност во Израел, само 20 дена пред првите избори во земјата по нападот од 7 октомври. Гласањето се очекува да биде под силно влијание на прашањето за одговорноста за безбедносните пропусти пред нападот и на начинот на кој владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху се справи со војната.

Нетанјаху ја отфрли личната одговорност за безбедносните пропусти и се спротивстави на повиците за независна истрага, што предизвика незадоволство кај дел од јавноста и семејствата на жртвите.

Анкета на Израелскиот институт за демократија покажа дека 68 отсто од израелските Евреи сметаат дека настаните од 7 октомври биле клучен или значаен фактор при одлуката за која политичка партија ќе гласаат.

 

Примирјето не ги реши клучните прашања

Примирјето постигнато во октомври 2025 година со посредство на САД ги запре големите борби, но не ги реши клучните спорови меѓу Израел и Хамас. И понатаму нема договор за условите под кои Хамас би го положил оружјето во замена за целосно повлекување на израелските сили од Газа.

Израел инсистира на целосно разоружување на Хамас пред повлекувањето на своите сили, додека Хамас тврди дека прифатил разоружување во фази, но дека нема да го положи оружјето додека продолжуваат израелските напади.

Во меѓувреме, Израел продолжува со воздушни напади врз Газа. Според здравствените власти во енклавата, повеќе од 1 400 Палестинци загинале по стапувањето на сила на примирјето во октомври 2025 година. Според израелската војска, во истиот период загинале пет израелски војници во борби или во напади извршени од милитанти.

Во Газа, каде што живеат околу два милиона луѓе, голем дел од населението и натаму е раселено и живее во импровизирани засолништа или во објекти оштетени и уништени во војната. Плановите за обнова на енклавата предложени со американско посредство засега не доведоа до конечен договор меѓу страните.

 

Во 37 земји се најавени пропалестински и антиизраелски протести

Додека во Израел и меѓу еврејските заедници ширум светот се одбележува годишнината од нападот на 7 октомври, во 37 земји се најавени вкупно 262 пропалестински и антиизраелски протести.

Најголем број собири се очекуваат во САД, каде што се најавени 45 протести, потоа во Шпанија со 40, Австралија со 21, Велика Британија со 19, Италија со 16, а во Германија и Канада по 14.

Околу 45 протести треба да се одржат во близина на израелски амбасади, конзулати и други израелски објекти.

Како локации со највисок степен на ризик се издвоени собири пред дипломатските претставништва во Сеул, Богота, Мексико Сити и Бангкок. Меѓу ризичните локации се наведуваат и плоштадот „Дам“ во Амстердам, како и собирите во Хелсинки и Отава, кои се планирани во близина на израелските амбасади.

Властите во повеќе земји предупредија на зголемен безбедносен ризик поврзан со најавените протести, поради што полициските служби ги засилија безбедносните мерки и следењето на ситуацијата во повеќе европски градови, меѓу кои Милано, Рим, Париз, Лондон и Берлин.

Back to top button
Close