Бурата во Нов Зеланд ги прекина летовите, остави илјадници луѓе без струја
Силните дождови и ветрови ги прекинаа летовите, возовите и фериботите денеска и ги затворија патиштата во делови од Северниот Остров на Нов Зеланд, оставајќи илјадници луѓе без струја.

Повеќето летови до и од главниот град Велингтон беа откажани или одложени утрово, соопштија аеродромските власти.
Ер Њу Зеланд ги прекина летовите до и од аеродромите Велингтон, Нејпиер и Палмерстон Норт, објавија локалните медиуми.
Повеќе од 30.000 станбени и индустриски клиенти останаа без струја, вклучувајќи речиси 10.000 во главниот град, соопштија властите.
На жителите им беше советувано да не патуваат, а неколку училишта беа затворени.
„Имавме многу тешка ноќ и нашите пожарникари сè уште реагираат на повиците“, рече шефот на Националната служба за вонредни ситуации Кен Купер.
Тој додаде дека повеќе од половина од 852 повици направени преку ноќ биле од областа Велингтон.






