На продажба на „eBay“ ставени наводно необјавени фотографии од егзекуција на 200 Грци во Втората светска војна

Досега необјавени фотографии за кои се верува дека се од последните моменти пред егзекуцијата на 200 Грци политички затвореници на стрелиштето во атинската населба Кесариани од нацистичките окупаторски сили на 1 Мај 1944 година, биле ставени на продажба на онлајн платформата за купување и продавање производи „eBay“.

Фотографиите во Грција ги објави Фејсбук групата „Архиви од Грција во Втората светска војна“, а на продажба ги ставил продавач од Белгија и не е познато кој е фотографот, но во објаснувањето, според медиумите во Грција, пишувало дека биле најдени во албум на германски офицер кој за време на Втората светска војна служел во Грција.

Засега не е потврдена автентичноста на фотографиите, иако според грчките медиуми, веќе е идентификуван еден од мажите на сликата, а коментарите во Грција се дека станува збор за редок историски документ што за првпат се објавува по 82 години.

Од грчките опозициски партии реагираа за објавувањето на фотографиите, а од ПАСОК, СИРИЗА, Комунистичката партија и Нова левица побараа да бидат обезбедени од државата и да се третираат како дел од историското наследство на земјата, додека пак поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас преку писмо до претседателот на Парламентот побара токму Парламентот да ги купи фотографиите.

Егзекуцијата во Кесариани е меѓу најголемите злосторства извршени од нацистичките окупаторски сили во Грција, поголемиот дел од убиените биле политички затвореници, а повеќето биле членови на Комунистичката партија на Грција (ККЕ) и на Националноослободителен фронт (ЕАМ).

Биле префрлени од концентрационен логор, а масовното стрелање на 200 лица било извршено на Денот на трудот како одмазда за заседата и убиството на германскиот генерал-мајор Франц Крех на Пелопонез на 27 април 1944 година.

Back to top button
Close