„(С)обувки“ – прва македонска нема сликовница во издание на „Арс Ламина“
Издавачката куќа „Арс Ламина“ на 20 февруари ќе ја промовира првата нема сликовница во Македонија насловена „(С)обувки“.

-Станува збор за сликовница без зборови што ја раскажува својата приказна исклучиво преку илустрации, оставајќи му целосна слобода на читателот сам да ја досоздаде. По идеја на Оливера Ќорвезироска и со илустрации на Наталија Лукомска, оваа визуелна приказна нè води низ магична редица од обични луѓе и ликови од бајки и познати книжевни дела, кои боси чекорат кон најдобриот чевлар на светот. Таму секој ги пронаоѓа своите совршени обувки, освен девојчето од соседството, за кое остануваат чевли со високи потпетици. Но, на девојчето тие многу му се допаѓаат – ги обува и среќно излегува од приказната, соопшти издавачката куќа.
На промоцијата в петок од 19 часот во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, во рамките на „Денови на литературата“, писателите Владимир Мартиновски, Елизабета Баковска, Ермис Лафазановски и Никола Маџиров ќе ја прочитаат книгата на свој начин.
-„(С)обувки“ е експеримент создаден со радост и љубопитност – обид да се направи првиот чекор кон најмладиот илустративен жанр во светот. Како и секоја нема сликовница, и оваа мечтае да биде прочитана иако во неа нема ниту еден единствен збор. Сликовниците без текст се еден од најмладите жанрови на илустрирани книги. Тие се свежи, поттикнувачки и повеќекратно обединувачки: ги надминуваат јазичните бариери бидејќи не користат јазик и не им треба превод. Овие сликовници не нудат конечни одговори, туку отвораат простор за многу можни читања, наведува „Арс Ламина“ во соопштението






