Првпат по воведувањето на „Безбеден град“, вчера не е регистрирано ниту едно поминување на црвено
Првпат откога функционира системот „Безбеден град“, вчера не е регистриран ниту еден прекршок за поминување на црвено светло, информира Министерството за внатрешни работи (МВР).

Според статистиката на МВР, од страна на „Безбеден град“ вчера се регистрирани вкупно 526 сообраќајни прекршоци од кои 504 се за управување возило со брзина поголема од дозволената. Евидентирани се и 22 прекршока за возење со сообраќајна дозвола со помината важност.
„Вчера се изречени и 17 мерки забрана за управување со возило, сите поради брзо возење. Од нив, 13 се изречени за брзина поголема од 80 мк/ч во населено место, а четири за надминување на ограничувањето на брзината за повеќе од 10 км/ч според сопственото ограничување на возилото“ велат од МВР, додавајќи дека од вкупниот број регистрирани прекршоци, 84 се сторени од возачи што управувале возило со странски регистарски таблички.
Во рамките на дозволената толеранција при мерењето брзина, системот вчера толерирал вкупно 3 336 возачи.






