„Стоп за Усје“ утре осум часа ќе го блокира влезот на цементарницата во Скопје
Иницијативата „Стоп за Усје“ утре ќе одржи осумчасовна блокада пред цементарницата „Усје“ во Скопје. Под името „Блокадафест“, тие ќе го блокираат влезот на „Усје“ во периодот од 15 до 23 часот.

„Ова не е само блокада. Додека фабриката продолжува да загадува, ние излегуваме заедно да го блокираме загадувањето и да покажеме дека отпорот може да биде гласен, солидарен и креативен“велат организаторите на настанот.
Осумчасовната блокада пред „Усје“ ќе биде проследена со музички сетови и настапи на артисти кои, како што објавија организаторите, својот протест го изразуваат со она што најдобро го знаат – музиката.
„Волонтерски ќе настапат DJ Александар Јорданов, DJ Chvare, DJ Andrew Meller, ‘Новиот почеток’, ‘Хајка’, ‘Луфтанза’, ‘Животни’, ‘Големата вода’, DJ Базел, DJ Emily Nas, Дина Јашари, Член 16, Зарина Првасевда и ‘Корка’. Нивната поддршка е порака дека ова не е изолиран протест, туку заедничка борба за уставно загарантираното право на чист воздух“,објавија од „Стоп за Усје“.
Организаторите порачаа дека „Блокадафест“ е јасен повик до институциите и до „Титан Усје“ – дека здравјето на граѓаните не е преговарачка категорија. Најавената блокада е само една од низата што изминатиов период ги организира иницијативата „Стоп за Усје“, а кои се насочени против аерозагадувањето во Скопје, чиј главен причинител го лоцираат во цементарницита „Усје“.






