Паланчани на протест: Решете го проблемот со кравите – не сакаме уште еден уништен род
Жителите на с. Трново, с. Добровница, с. Узем, с. Кркља, с. Варовиште, с. Дрење, с. Станци и жители од другите околни села одржаа мирен и достоинствен протест пред Општина Крива Паланка, со цел јавно да го изразат својот револт поради повеќе од 15 години нерешавање на проблемот со неконтролираното движење на крупен добиток, што предизвикува сериозни штети врз приватните имоти и земјоделските површини, пренесе Независен

Протестот се одвиваше во мирна атмосфера и беше поддржан од граѓаните на Општина Крива Паланка и околните села. Поддршка даде и градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, со свое присуство на протестот, како и од локалната самоуправа.
Истовремено, уште еднаш беше потенцирано дека станува збор за долгогодишен и сериозен проблем кој директно ја засега егзистенцијата на многу семејства кои живеат од земјоделство.
Во своите обраќања, претставниците на месните заедници истакнаа дека со години се соочуваат со уништени посеви, оштетени ниви, дворови и помошни објекти, како и со загрозена безбедност на семејствата.
Дополнително, беше нагласено дека покрај материјалната штета, дел од оштетените граѓани се соочиле со закани, уцени и заплашувања од страна на сопственикот на говедата, што создава чувство на страв и несигурност кај населението.
По одржаниот мирен и достоинствен протест, на кој жителите од погодените села уште еднаш јасно и гласно ја изразија својата долгогодишна мака, порачуваме дека ова не е прашање што може повеќе да се одложува или игнорира.
„Повеќе од 15 години се соочуваме со ист проблем неконтролирано движење на крупен добиток низ нашите села, кој ни ги уништува посевите, ни ги гази нивите, ни влегува во дворовите и помошните објекти и директно го загрозува нашиот имот, безбедноста на нашите семејства и егзистенцијата на луѓето кои живеат исклучиво од земјоделство. Пролетта е пред нас и повторно стравуваме дека трудот ќе ни биде уништен. Бараме итно и трајно решение, со кое ќе се заштитат и нашите имоти и добитокот, но пред сè ќе се воспостави ред и одговорност“, истакнаа граѓаните.
Јавноста се информира дека надлежните институции веќе донеле правосилни решенија и задолжителни мерки согласно важечките законски прописи. Спроведените инспекциски надзори од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство констатирале прекршувања на прописите за заштита и благосостојба на животните, како и непочитување на претходно наложените мерки. Донесените решенија се правосилни и задолжителни за извршување, и нивното спроведување не смее да биде доведено во прашање.Граѓаните бараат итна и координирана реакција од сите надлежни институции, целосно спроведување на законските мерки, утврдување на одговорност и воспоставување трајно решение со кое ќе се спречи повторување на ваквата состојба. Нивното барање е едноставно: да се реши долгогодишниот проблем кој влијае и врз безбедноста во сообраќајот поради неконтролираното движење на говедата низ населбите, да им се овозможи мирно да ја обработуваат својата земја, да го заштитат сопствениот имот и достоинствено да живеат од својот труд, без страв од уште една уништена земјоделска сезона.






