Странска служба ја известила АНБ пред една година дека на Груби му се заканува ликвидација

Странска разузнавачка служба од соседството пред повеќе од една година ја известила Агенција за национална безбедност дека на Артан Груби му се заканува ликвидација од лице со криминално минато, sпоред информации на ТВ 24.
Информацијата била проследена до Министерство за внатрешни работи, а потоа и до Основно јавно обвинителство, по што биле преземени мерки и изготвени службени белешки кои сега се користат како аргумент во постапката за определување мерка притвор.
Три службени белешки што од Министерство за внатрешни работи по автоматизам биле доставени до Основно јавно обвинителство се клучниот аргумент обвинителот Даниел Коцев да побара домашен притвор за ексвицепремиерот Артан Груби, повикувајќи се на загрозена безбедност во притвор.
Од МВР велат дека ги споделиле сите сознанија со ОЈО, но не правеле проценка каде тој би бил побезбеден. Директорот на затворот во Шутка, Бобан Утковски, тврди дека никој не побарал безбедносна проверка од установата.
Од Обвинителството соопштија дека куќниот притвор со 24-часовен надзор е соодветна мерка кога, врз основа на информации од МВР и АНБ, не може да се гарантира безбедноста на осомничениот во притвор.






