„Фајненшл тајмс“: Неколку земји од Персиски Залив бараат украински дронови пресретнувачи

Неколку држави од Персиски Залив изразија заинтересираност за купување на украински дронови пресретнувачи, изјави основачот на „ТАФ Индустрис“, Олександр Јаковенко за британскиот весник „Фајненшл тајмс“.
Според него, Обединетите Арапски Емирати побарале 5.000 дронови, додека Катар побарал 2.000. Кувајт, исто така, наводно покажал интерес.
– Тие земји сакаат да знаат како да ги интегрираат нашите дронови во нивниот целокупен одбранбен систем, посочи Јаковенко.
Тој додаде дека обуката на операторите е „голем проблем“ за земјите што сакаат брзо да ги распоредат овие дронови пресретнувачи, објаснувајќи дека потребни се неколку месеци за обука на војници за нивно летање.
Секоја земја денес сфаќа дека ѝ е потребен систем за пресретнување, бидејќи не е доволно да има само еден систем како „Патриот“, наведе Јаковенко.






