Ограничување на цените на основните производи и зголемување на минималецот за 3 500 денари – бараат од ДУИ
Да се воведат максимални цени на основните прехранбени производи или да се ограничат трговските маржи и да се намали ДДВ за основните производи за период од три месеци. Ова се дел од мерките кои опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ) ѝ ги предлага на власта за спречување на злоупотреби и намалување на цените во услови на криза, особено поради претстојните празници Бајрам и Велигден.

„Животниот стандард на семејствата секојдневно се влошува поради растот на цените и отсуството на институционална реакција. Наместо да преземат мерки за заштита на граѓаните, Владата и Министерството за економија предводено од ВЛЕН, покажуваат целосен недостаток на интерес и капацитет за справување со оваа состојба. За жал, Министерството за економија се однесува како оваа криза воопшто да не постои. ДУИ не останува само на критика и предлага мерки што можат да се применат за да се олесни товарот врз семејствата“велат опозиционерите.
Од ДУИ бараат и ревизија на царинските податоци за увозот на овошје и зеленчук, како и зголемување на контролите од надлежните инспекторати на пазарот со цел да се спречат шпекулации и злоупотреби со цените. До Регулаторната комисија за енергетика, пак, апелираат најмалку двапати неделно разгледување на цените на нафтените деривати имајќи предвид дека на меѓународните берзи веќе има намалување на цените.
Демократската унија за интеграција бара и зголемување на минималната плата од март за најмалку 3 500 денари, наместо предвидените 1 600 денари
„Секое доцнење во рефлектирањето на овие промени на домашниот пазар претставува дополнителен товар за граѓаните и за бизнисите. Граѓаните имаат потреба од конкретни мерки, а не од институционална тишина. Владата треба веднаш да преземе чекори за заштита на животниот стандард на семејствата“велат од ДУИ






