Лажни пораки во име на „Безбеден град“ за казни, МВР открива како да ги препознаете
Министерството за внатрешни работи повторно предупредува за зачестени обиди за измама преку лажни пораки со кои граѓаните се известуваат дека треба да платат казна за наводен сообраќаен прекршок регистриран од системот „Безбеден град“.

Според МВР, измамничките пораки се испраќаат преку СМС, електронска пошта и социјалните мрежи, а содржат линкови до лажни веб-страници на кои од граѓаните се бара да внесат лични и банкарски податоци.
Станува збор за фишинг-измами чија цел е злоупотреба на податоците и платежните картички на граѓаните. Поради тоа, од МВР апелираат да не се отвораат сомнителни линкови, да не се внесуваат лозинки и податоци од платежни картички на непроверени страници и да не се вршат уплати преку линкови добиени во сомнителни пораки.
Од Министерството потсетуваат дека официјалните СМС-известувања за сообраќајни прекршоци од системот „Безбеден град“ се испраќаат од испраќачот „MVR-SC“, задолжително ја содржат регистарската ознака на возилото со кое е направен прекршокот, а линкот води до официјалната интернет-страница на системот.
Секторот за компјутерски криминал при МВР презема мерки за откривање и санкционирање на лицата кои стојат зад овие измами.






