ДУИ реагира на изјавата на Мицкоски: Полагањето на правосудниот испит на албански јазик е уставно право, не „наследен проблем
Изјавата на премиерот дека прашањето за полагањето на правосудниот испит на албански јазик е „наследен проблем“ претставува обид да се избегне одговорноста за неспроведување на право кое произлегува директно од Уставот и од Законот за употреба на јазиците, велат од ДУИ во реакцијата на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски.

„Албанскиот јазик е службен јазик во Република Северна Македонија. Ова не е политичка интерпретација, туку уставна и законска реалност која мора да се почитува од секоја државна институција.Законот за употреба на јазиците беше донесен за да ја гарантира јазичната еднаквост и да го зајакне мултиетничкиот карактер на државата. Обидите овој закон да се претстави како „проблем“ или одговорноста да се префрли на други не ѝ служат ниту на вистината, ниту на институционалната стабилност на државата.
Студентите Албанци не бараат привилегии. Тие бараат само спроведување на Уставот и на важечките закони.
Владата има обврска да го спроведува законот, а не да го релативизира преку политички оправдувања. Секое одложување или попречување на остварувањето на ова право претставува чекор назад за еднаквоста и за демократските стандарди на државата.
Република Северна Македонија е изградена врз принципот на еднаквост меѓу заедниците и почитување на јазичните права. Овие принципи не се предмет на преговори и не можат да се третираат како „наследени проблеми“, туку како обврски кои мора да се спроведуваат“, се вели во соопштението.






