Владата им скратила 100 милиони евра на општините од унгарскиот кредит?!

Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации уште покажува дека, наместо првично најавените 250 милиони евра, сега се скратени на 149 милиони за да се користат до 2027 година. Како што претходно анализираше „Фокус“, и истражувањето на ЦГК покажа дека најчести проекти се тие за асфалт, крпење дупки или канализација и најчесто доминираат неколку фирми што ги добивале тендерите.
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ не пропушта да се пофали буквално за секое камче ставено во подлогата на асфалтираните улички низ македонските села и градови.
Во една од објавите на социјалните мрежи, владата се пофали со микролокална инвестиција за која во развиените земји не би се затрчал да објави ниту градоначалникот на општината во која се гради. Се работи за инвестиција од нецели 120.000 евра за асфалтирање улица во селото Турново, која треба да им обезбеди „безбеден пристап до домовите“ на жителите во тоа подрачје.
„Проектот има за цел подобрување на локалната патна инфраструктура и обезбедување безбеден и функционален пристап до домовите и имотите во ова подрачје. Со изградбата на новата улица се создаваат подобри услови за секојдневно движење, зголемена сообраќајна безбедност и уредена урбана средина. Проектот претставува значаен чекор кон унапредување на квалитетот на живот на жителите и рамномерен развој на локалната заедница“, гласи објавата на владата на социјалните мрежи.
Овој проект, како и другите проекти, оние од јавниот повик за унгарскиот кредит на кој се јавија општините, требаше да го подигне квалитетот на живот на граѓаните, но парите во градежната офанзива, како што тврдеше премиерот Христијан Мицкоски, завршија буквално во канализација, односно за изградба на фекална канализација.
Од вкупно 80 општини во Македонија пристигнаа речиси 900 проекти од вториот повик на владата за аплицирање со проекти што се финансираат со 250 милиони евра од унгарскиот кредит, кој ни го одобри владата на Виктор Орбан во 2024 година. Беа одобрени 828 проекти во мај 2025 година, кои заедно со 288 проекти од првиот јавен повик, кој се случи на крајот од 2024 година, сочинуваат бројка од 1.116 проекти.
Заеднички именител за сите објавени проекти на општините во првиот и во вториот повик е реконструирањето улици или изградба на атмосферска или фекална канализација.
Во вториот повик, кој се случи на пет месеци пред избори, градоначалниците се осмелија да предложат посериозни проекти, а во изразувањето благодарност кон премиерот, на вмровските градоначалници им се приклучија и опозициските градоначалници.
Тогашниот градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓеорѓиевски, покрај проектите за фекална и атмосферска канализација, аплицираше со проект за изградба на поликлиника, реконструкција на објекти, речно корито, улици и пешачки патеки.
Градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски аплицираше со проекти за нова поликлиника, плоштад, културен дом, затворен базен и нови мостови.
Кирил Пецаков во Охрид аплицираше со проект за катна гаража покрај проектите за атмосферска и фекална канализација, додека градскиот татко на Битола, Тони Коњановски потпиша проектни апликации за 30 проекти, меѓу кои три спортски сали, реконструкција на улици и промена на канализациска и водоводна мрежа, која, според него, е приоритетна. Но, ќе се реконструира и битолската Зоолошка градина.
Митко Јанчев во Кавадарци побара два милиони евра за доградба на спортската сала и апартмани за сместување спортисти, спа-центар, еколошки пазар, картинг-патека и за гасификација на општината.
Сите овие градоначалници си заработија нов мандат на изборите во октомври 2025, па финансирањето на проектите даде простор за политички шпекулации дека реализацијата на проектите со пари од централната власт се изборен поткуп.
ИНЈЕКЦИЈА ВО ПРЕДИЗБОРЕН ПЕРИОД
Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации, за инфраструктурните проекти во општините од владината програма за децентрализација, открива дека од октомври 2024 до октомври 2025 година, односно во последната година пред изборите, владата испланира 250 милиони евра за инфраструктурни проекти на општините и од тие пари им одобри 112 милиони евра преку шест министерства (транспорт, спорт, образование, животна средина, социјална политика и култура), од парите од унгарскиот кредит.
Само за 11 проекти, кои се нецел еден процент од средствата, може да се рече дека директно ќе ги подобрат условите за живот и работа на жените, младите и маргинализираните групи, открива ЦГК.
Првата одлука за распределба на 71,1 милиони евра ја донесе во октомври 2024, наменети за 288 општински проекти, избрани на претходно објавен јавен оглас. Пари од оваа транша не им беа одобрени само на три општини – Град Скопје, Струмица и Сарај.
Втората одлука за распределба на дополнителни 41,4 милиони евра за 828 проекти, владата ја донесе на 4 јули 2025, односно нецели три месеци пред изборите. Од оваа транша, пари добија сите општини, освен Град Скопје.
Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации уште покажува дека, наместо првично најавените 250 милиони евра, сега се скратени на 149 милиони за да се користат до 2027 година.
Според истражувањето, владата им пуштила пари на општините во предизборна година, и тоа за локални избори, а веднаш по изборите направила значително кратење на Буџетот.
И според ЦКГ, како што претходно анализираше „Фокус“, најчести проекти, и покрај тоа што беа најавени како развојни, се за асфалт, крпење дупки или канализација и најчесто доминираат неколку фирми што ги добивале тендерите.
Фискалниот совет на РСМ идентификуваше два ризик-фактори во врска со овие проекти: можноста да се протолкуваат како популистичка мерка пред избори и поради изборите и нецелосна функционалност на општините, можноста голем дел од овие средства да не се искористат целосно или да не се искористат ефикасно.
„Веднаш по завршувањето на изборите, владата направи значително кратење на парите во Буџетот за овие проекти, и тоа прво, со Одлуката за прераспределба на средства во Буџетот, 102-та милиони евра се намалени на 44 милиони евра, односно за 58 милиони евра. Потоа, со новиот Буџет за 2026 година се намалија парите што претходно беа планирани за 2026 и за 2027 година, и тоа: за 2026 беа планирани 70 милиони, кои се скратени на 41 милион, а за 2027 година беа планирани 77 милиони, кои според планот сега се скратени на 63 милиони. Со тоа, почетните 250 милиони евра за општински проекти од унгарскиот заем сега се скратени на 149 милиони евра“, се вели во истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.
Пишува: Орце КОСТОВ
Текстот е објавен на 19 февруари 2026 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.585






