Дуковски за неговата „Црно злато“: Главниот лик имплицира на борба и право на идентитет, слобода и избор. Ниту мудроста е лек, ниту староста помага

Праизведба на претставата „Црно злато“ од македонскиот драмски писател Дејан Дуковски, во режија на Оливер Фрљиќ, ќе биде изведена денеска во 19:30 часот на големата сцена „Оливера и Раде Марковиќ“ во Белградскиот драмски театар. Белградските медиуми ја најавија како исклучителен драмски текст и „претстава што ќе има долг век“.

Во изјава за МИА Дејан Дуковски нагласи дека ја посветува претставата „Црно злато“ на својот професор, македонскиот драматург Горан Стефановски.
-Од Горан научив многу за драмата, но и за животот. Среќен сум што сум во Белград и се надевам дека ова ќе биде легендарна претстава.

Секоја драма е конфликт, овдека фокусот е семејство во транзиција. На што е ставен акцент во драмата?

– Текстот на драмата е на некој начин по далечен мотив на Парите се отепувачка – синот се враќа после многу години печалба и сака да го изненади семејството. Тргнав од еден таков мотив, но се развива сосема различно. Синот кој заминал од дома поради конфликт со таткото се враќа како жена. И тука настанува целиот конфликт и со семејството и со средината негова се враќаат во некои стари приказни. Фокусот на драмата е конфликт меѓу татко и син. Тоа е некаква стара неразрешена кавга што сега се отвора пак и се уште трае и на некој начин и не се разрешува.

Семејство е погодено од повеќеслојни транзиции, социјални, политички, етички, но и родови. Тие транзиции не се завршени во тој круг. Доминантните вредности се во вакум помеѓу она што беше и она што требаше да дојде?

– Да, се чувствува распад и кај семејството и во средината и тоа е нешто што на некој начин и создава контраст на таа успешна жена која се враќа од некаде кога доаѓа во комплетен судир со средината што не може да ја препознае, и од друга страна ја има таа рефлексија на да речеме, оваа балканска средина со сите работи што ни се сллучуваат. Тоа во суштина е трагичен текст, така и завршува, трагедија зад сите жанровски маски.

„Црно злато“ е еден вид лакмус тест што покажува каде се нашите општества денес. Очигледно, и мудроста не е лек ниту староста помага. Го има ли тоа во драмата?

-На некој начин го има во драмата. Моите текстови се многу поврзани со поднебјево и јас очигледно тоа е тема што ми е најблиска. Иако не е ова текст што се бави исклучиво со тоа. Ова е само еден контекст што е тука и е таков каков што е. За разлика од Буре барут.

Од ова се добива впечаток дека драмата упатува шум од слободниот голем живот од светот?

-Можеби е крик, во секој случај е некаква борба за слобода. Главниот лик и во самиот текст се имплицира на борба за некаков идентитет и за право на тој идентитет што е и право на слобода на избор или на избор на начин на живот.

Нуди ли драмскиот текст универзални вредности?

-Да, во секој случај.  Кога работам драма се трудам да што повеќе биде универзална, да може да се разбере. Мислам дека е многу разбирлива и се надевам дека ќе има свој живот и надвор од Балканот.

Во врска со работата со режисерот Оливер Фрљиќ, Дуковски вели дека му е многу драго што конечно работи со него.

-Се надевам ќе продолжиме со соработката. Одлично соработувавме. Оливер е многу инспиративен режисер, многу автентичен, едно име кое е од поинтересните во нашиов регион и во Европа.

Драмата „Црно злато“ се очекува во оваа година да биде поставена и во Македонскиот народен театар во режија на Слободан Унковски.

Во изведбата на Белградскиот драмски театар, Милутин Милошевиќ и Наташа Марковиќ играат средовечен брачен пар, сопственици на семеен пансион што пропаѓа. Ангела – претходно Ангел – ја игра Ања Ќурчиќ, ќерката која се враќа во родниот град за да им помогне на своите родители, Јана Милосављевиќ. Во драмата играат и Милан Зариќ, Амар Ќоровиќ, Бојана Стојковиќ, Љубомир Булајиќ и Ана Јанковиќ.
Текстот е во превод на Соња Должан, драматург е Маја Тодоровиќ, сценограф Игор Паушка, а костимограф Татјана Радишиќ.

Back to top button
Close