Вештак во случајот „Онкологија“: Кај 12 пациенти била давана терапија спротивно на индикациите

Вештакот Милан Ристески на денешното рочиште за случајот „Онкологија“ сведочеше за терапиите и протоколите на Клиниката за радиотерапија и онкологија – Скопје, при што посочи на повеќе отстапувања во медицинската документација и изборот на терапии.

Фото: МИА

Меѓу другото, тој појасни дека кај 12 пациенти терапијата била дадена спротивно на индикациите и без никаква корист, и на нивна штета, пренесува МИА.

Ристески даде образложение и за лекувањето на еден од пациентите од крајот на 2019 година.

„Има пациенти што требало да добијат ‘пембролизумаб’, а не добиле, особено во групата на пациенти со рак на бубрегот. Не може да се фаворизираат пациенти според индикацијата и достапноста на терапијата“, рече, меѓу другото, вештакот на рочиштето.

Одбраната имаше забелешки дека Ристески дава стручна оценка за одлуки донесени од лекари со значително подолго клиничко искуство од неговото. Тие приговараа дека по помалку од една година од добивањето на лиценцата за вештак од областа на радиотерапијата и онкологијата, тој бил ангажиран како медицински експерт во овој предмет, иако не можело, оти истовремено бил и сведок.

Ристески, од своја страна, негираше дека ова е негов прв предмет по добивањето на лиценцата и истакна дека досега немало никаква забелешка за неговата работа.

На претходното рочиште, одржано на 11 март, Ристески, исто така, сведочеше за терапиите и протоколите во Клиниката за радиотерапија и онкологија – Скопје. Тој и тогаш наведе дека забележал отстапувања, особено во делот на недоволно документирани податоци за состојбата на пациентите и објаснувања за изборот на терапија.

„Кај најголемиот дел од контролираните преписи на терапија истите беа во рамките на препораките, но кај одреден дел има неправилност во препишувањето, како и многу мал број на опишани, а потребни податоци за состојбата на пациентот во тој момент“, рече тогаш Ристески, додавајќи дека забележал отстапувања од препораките, а не од строгите правила.

Тој објасни дека националниот протокол за онкологија е изработен во 2015 година како копија на европските водичи, но во пракса лекарите се водат од годишните промени на ESMO и NCCN.

„Националните протоколи, тоа се водичи, во македонскиот јазик, во нашиот жаргон усвоен е повеќе зборот протокол, па кога кажуваме протоколи мислиме на алгоритмите на клинички однесување од страна на NCCN. Македонскиот, единствениот што е изработен е изработен во 2015 година, е копија на ESMO водичите од 2015. Како мала земја нема никаква смисла ние секоја година да се занимаваме со препишување, затоа, во клиничката пракса ги почитуваме промените што настануваат секоја година во водичите на ESMO и NCCN“, појасни тој.

Ристески на тоа рочиште, како што пренесе МИА, посочи дека новите генерациски лекови, како „пембролизумаб“ и „цетуксимаб“, почнале да се применуваат од 2018 година наваму, а претходно дел од нив биле достапни само преку интервентен увоз или посебни програми на Министерството за здравство.

Фото: Архива

Прашан дали лековите „алептиниб“, „атезолизумаб“ и други биле во препораките од 2015 година, одговори негативно.

„Ниту во тие нашите, ниту во NCCN ниту во ESMO, во таа година поголем дел од нив беа во предрегистрационен период“, рече тој.

На прашањето од кога се применуваат овие лекови во нашата држава, вештакот го објасни процесот за воведување нови лекови.

„За одреден нов лек да дојде на пазарот во Македонија треба да има фармацевтско претставништво кое или ќе го регистрира или ќе го понуди на т.н. интервентен увоз под услов да одредена здравствена институција направи тендер за таков интервентен увоз. Најдобриот начин и најправилниот за внесување на нов лек е со регистрација на лекот. Здравствените установи можат да го направат тоа или преку набавка или преку тендер“,

рече тој.

Прашан дали овие лекови и понови генерациски лекови биле достапни во периодот пред 2018 година по процедура, одговори негативно.

„Од оние што вие ги набројавте не, ниту ‘алептиниб’ наместо него се употребуваше ‘кризотиниб’, ‘пембролизумаб’, а ‘атезолизумаб’, цетуксимаб’ беше во 2017 година како посебна програма на Министерството за здравство, а не на позитивна листа“, додаде вештакот во исказот на претходното рочиште.

Најголемиот дел од оваа нова терапија, како што рече, влегува во нашиот систем од 2018 наваму.

Случајот „Онкологија“ се води против поранешниот директор на Клиниката, Нино Васев, и уште тројца онколози, обвинети за несовесно лекување пациенти. Постапката почна и против Мери Пешевска, која призна вина и доби условна казна затвор од две години. Обвинението ги товари лекарите за тешки дела против здравјето на луѓето, со неправилно применети терапии кај 29 пациенти. Судењето продолжува на 31 март.

Покрај ова, против Васев и поранешниот економски директор на Клиниката, Нехад Нухи, се води судски процес, во јавноста познат како „Онкологија 2“, во кој тие се товарат дека во периодот од 2018 до 2022 година незаконски набавувале лекови, ги прикривале преку фиктивни тендери и присвојувале дел од терапијата, со што го оштетиле државниот буџет за речиси 36 милиони евра.

Back to top button
Close