(Видео) Мицкоски со тврдење – странци доаѓаат и точат горива кај нас, се троши 10% од вкупната потрошувачка
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата свесно не се потпира само на законските механизми за намалување на акцизите, туку директно интервенира од буџетот за да спречи поголем раст на цените на горивата.
Тој појасни дека според законската методологија, намалувањето на акцизата би значело минимално намалување – од еден до два денари по литар, зависно од цените на берзите, што, како што рече, не би било доволно за реална заштита на стандардот на граѓаните.
„Наместо тоа, одлучивме директно да интервенираме и да ги намалиме цените за околу 6,5 до 7 денари по литар, што е значително повеќе од она што го дозволува законот“, истакна Мицкоски.
Тој додаде дека и натаму внимателно се следат светските берзи, залихите и безбедносната состојба, особено во контекст на случувањата на Блискиот Исток, со цел навремена реакција.
„Имаме повеќе алатки на располагање – акцизи, маржи, државни интервенции. Но, суштината е дека реагираме навреме за да не дозволиме шокови како во минатото“, нагласи премиерот.
Мицкоски посочи и дека дополнителен притисок врз домашниот пазар создава зголемената потрошувачка од странски државјани, која достигнува до 150.000 литри дневно, односно околу 9 до 10 проценти од вкупната потрошувачка.
Според него, енергетската состојба во моментов е стабилна, но Владата останува во постојана готовност да интервенира доколку се појават нови ценовни шокови.
„Не сме реактивни, туку проактивни. Ги предвидуваме ризиците и преземаме мерки навреме“, порача Мицкоски






