Трговците на мало реагираат дека нивните забелешки не се импелемтирани во предлог-законот за пушење

Трговците на мало реагираат дека предлагачите на законот за заштита од пушење не ги имплементирале нивните аргументи во драфт-верзијата што наскоро треба да се најде пред Владата. Велат дека и покрај тврдењата на Министерството за здравство, дека како предлагач на законот се консултиралo со сите засегнати страни и ги зело предвид нивните барања, сепак, во дополнетата верзија на законот нема промени во клучни одредби.
Посочуваат дека според одредбите во предлог-законот, трговците имаат период од шест месеци да ги прилагодат објектите согласно новите обврски – тутунските производи да не бидат видливи за купувачите, односно да се чуваат во затворени и непроѕирни шкафови, како и да го ограничат означувањето на овие производи во објектите.
„Овие мерки директно ги погодуваат малите трговци кои во изминатите години инвестирале во уредување на продажните места, опрема и брендирање согласно тогаш важечките прописи. Со новите правила, тие инвестиции практично ја губат својата функција и бараат нови вложувања, што создава сериозен финансиски притисок врз бизнисите кои и онака работат со ограничени ресурси“,
велат трговците на мало.
Оттаму посочуваат дека согласно податоците на бизнис-заедницата, станува збор за повеќе од 4 000 мали и средни претпријатија низ земјата, најчесто семејни бизниси, чија економска одржливост директно зависи од продажбата на тутунски и сродни производи. За голем дел од нив, како што додаваат, овие производи се клучен извор на приходи, особено како резултат на склучените долгорочни договори со добавувачите.
„Во вакви околности, малите продажни објекти се соочуваат со сериозна неизвесност. Наместо прилагодување на законското решение врз основа на реакциите од терен, предложените измени не носат суштински промени, оставајќи илјадници семејни бизниси пред ризик од затворање и губење на егзистенцијата“,
додаваат малите трговци.
Според најавите, предлог-законот за заштита од пушење во вторник ќе се најде на владина седница.






