Зелен хуман град: Во дворот на МВР нелегално се сечат дрвја
Невладината организација Зелен хуман град реагира на сечењето дрва во дворот на Министерството за внатершни работи. Како што велат истото е противзаконски бидејќи сечењето/кастрењето не е извршено со решение издадено од страна на Град Скопје.

„Загрижени граѓани до ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД испратија загрижувачки информации во врска со сечење и кастрење на дрвја во дворот на Министерството за внатрешни работи, кое според Законот за урбано зеленило е противзаконски бидејќи сечењето/кастрењето не е извршено со решение издадено од страна на Град Скопје кое НЕ Е ПОСТАРО ОД 30 ДЕНА.Имено, станува збор за повеќегодишни и здрави дрвја при чие сечење сериозно е оштетена оградата околу Министерството за внатрешни работи. Дополнително, турната е жица за пренесување електрична енергија близу до земјата, која е оставена така речиси еден ден, што директно ја загрозува безбедноста на граѓаните кои поминуваат таму.
Скопје, во ситуација на екстремна загаденост и ужасен квалитет на воздухот НЕ СМЕЕ да си дозволи понатамошно уништување на урбаното зеленило во градот. Особено е недозволиво кога тоа уништување се прави на здрави дрвја, без разумна причина и противзаконски од страна на институцијата која е надлежна за спроведување на законите. Што мислите, Министерството за животна средина и просторно планирање ќе реагира?!
Навистина ни е мило што граѓаните го сметаат ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД за политички субјект од доверба кој континуирано се грижи и залага за подобрување на нивниот секојдневен живот и ги претставува нивните интереси во институцииите на системот. Воедно, ги охрабруваме да продолжат да нѐ информираат за вакви настани во иднина зашто се покажало дека јавниот притисок е единствен начин за нешто макар и минимално да функционира во овој распад“, се вели во објавата.






