Трамп: САД и Иран се согласија за важните точки од договорот

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека вчера имало разговори меѓу САД и Иран во кои двете страни се согласиле за „важните точки“од договорот за излез од војната, што, додаде, наскоро би можел да се постигне.

Трамп рече дека неговиот пратеник за Блискиот Исток, Стив Виткоф, и беговиот помошник, зетот Џаред Кушнер, разговарале со Иранците во неделата и дека разговорите ќе продолжат и денеска.

„Имавме многу, многу силни разговори. Ќе видиме каде ќе нè однесе тоа. Имаме точки, главни точки на договор, би рекол речиси сите точки на договор… имавме многу силни разговори“, рече Трамп, додавајќи дека разговорите ги воделе Виткоф и Кушнер.

Тој нагласи дека постои „реална можност за постигнување договор“.

Трамп одби да каже со кого се разговарало од иранска страна, но рече дека тоа не бил врховниот лидер, ајатолахот Моџтаба Хамнеи.

Американскиот претседател вели дека Иран „има малку лидери што останале“.

Разговараме „со човек за кој верувам дека е најпочитуван и е лидер“, рече Трамп.

Иранската новинска агенција Фарс, повикувајќи се на извор, претходно соопшти дека немало директни или индиректни преговори со САД.

Израелски извор наведе дека американските претставници разговарале преку посредник со претседателот на иранскиот Парламент, Мохамед Багер Галибаф, но засега нема официјална потврда за оваа инфромација.

Претходно утринава Трамп се откажа од својата закана за гаѓање на иранската електроенергетска мрежа, наведувајќи дека ќе ги одложи сите напади врз електроцентралите и енергетската инфраструктура.

Изјавата на Трамп дојде откако Иран се закани дека ќе ги нападне израелските електроцентрали и оние што ги снабдуваат американските бази низ регионот на Персискиот Залив доколку САД ја гаѓаат иранската електроенергетска мрежа.

Трамп за време на викендот предупреди дека иранските електроцентрали ќе бидат уништени ако Техеран не ја „отвори целосно“ Ормуската теснина за сите бродови во рок од 48 часа

Иранските напади де факто го затворија теснецот, преку кој се транспортира една петтина од глобалната нафта и течен природен гас.

Back to top button
Close