Левица: Во „населбата на УЧК“, ЕВН не може да исклучи корисници, а не пак Касами да им приклучи водомери

На јавна дебата во општина Тетово, оваа недела, бил изнесен планот за воведување на дигитални водомери, преку ангажирање на приватна фирма, со цел подобрување на наплатата на потрошената вода. Општината ја пласирала информацијата дека проектот е само чекор кон модернизација и поефикасен систем за наплаќање на сметките за вода. Сепак, според Левица, оттука произлегуваат многу дилеми и прашања
Партијата посочува дека општината веќе поседува водомери, од кои голем дел се украдени или извадени намерно.
„Зошто токму сега во вториот мандат на Касами се отвара ова прашање, а не е спроведена претходна истрага, каде завршиле тие водомери и кој е одговорен за истите?
– Наместо решенија и одговори на граѓаните им се нуди нов проект, со тендери преку приватна фирма, која останува мистерија, а истата поверојатно е сестринска фирма и врска до самиот тендер на владејачката партија.
Дополнително, на дебатата беше кажано дека бројот на корисници не е целосно евидентиран, а дел од нив воопшто не плаќаат вода. Просто кажано: „за некому мајка за другиот маќеа”.
Оттука прашуваме: Дали ова важи и за населбата кај Блок 82, кај ресторант Мема, каде со децении никој не ни плаќа, ниту им стига сметка за вода“, прашуваат од Левица.
Партијата преку соопштение тврди дека на диво се приклучени и жителите на новата населба над Теќе – таканаречената „населба на УЧК“, каде ЕВН не може да исклучи корисници, не пак Касами да им приклучи водомери.
„На крајот, го поставуваме прашањето: „Дали ќе се поставават конечно насекаде и по вторпат, фамозните дигитални водомери и чија ќе биде фирмата која ќе се заслади со тендерот?
Останува да следиме будно и внимателно, која ќе биде фирмата-к’сметлија и дали ќе биде спроведена целосна дигитализација, бидејќи патот е долг, трнлив, а мисијата невозможна“, порачуваат од Левица.






