Мицкоски го нарече циркузант новинарот кој ја праша министерката Јаневска дали има преведувач
Премиерот Христијан Мицкоски го нарече циркузант новинарот кој вчера во Тетово ја праша министерката Весна Јаневска дали има преведувач со неа и дека минатиот пат ѝ било укажано кога ќе доаѓа во Тетово треба да има преведувач. Прашан за коментар, Мицкоски рече дека некои луѓе не заслужуваат коментар.

„Понекогаш тоа што нема коментар не значи дека некој нешто заборавил да коментира, туку едноставно некои луѓе и не заслужуваат да бидат коментирани. Ако некој одлучил да прави естрада и циркузант од себе, дозволете му, сите можат да го видат и да го слушнат. Подобро да премолчите отколку влезете во таа естрада – изјави Мицкоски.
За време на вчерашната посета на Тетово, министерката за образование Весна Јаневска беше прашана од новинар дали со неа донела преведувач, посочувајќи ѝ дека последниот пат кога била во Тетово ѝ укажале дека кога пак ќе доаѓа да си носи преведувач со неа. Јаневска одговори дека не носи преведувач и дека не ѝ треба.






