Пентагон подготвува копнени операции, Иран најавува одговор: Пукај по волја

Американскиот весник „Вашингтон пост“ објавува дека Пентагон се подготвува за неколкунеделни копнени операции во Иран и дека останува неизвесно дали претседателот Доналд Трамп ќе одобри планови за распоредување на копнени трупи.
Како што објавува весникот, американските планови укажуваат дека ваквите копнени операции нема да претставуваат инвазија на Иран, туку ќе вклучуваат упади на сили за специјални операции и конвенционални пешадиски трупи, објавува денес Би-Би-Си.
Се верува дека Американците имаат повеќе од 4.000 маринци на бродови што се упатуваат кон Заливот, а падобранците од 82-та дивизија се во состојба на готовност и разговараат за дополнителни засилувања.
Централната команда на САД објави дека воениот брод „УСС Триполи“ пристигнал во регионот. Во објава на социјалните медиуми се вели дека бродот превезувал единица од околу 2.500 морнари и маринци со транспортни и борбени авиони.
Од друга страна, пак, иранскиот режим издаде директива за подготовка на вооружените сили за евентуален копнен напад на САД, како и за сузбивање на саботажите во Техеран и поголемите градови.
Според одлуката, воените и безбедносните единици можат да дејствуваат независно, дури и без директни наредби од врховната команда.
Директивата, која властите ја опишуваат како принцип „пукај по волја“, предвидува целосна борбена готовност и заштита на клучните локации, како и одговор на евентуални внатрешни немири, пишува The Jerusalem Post.
Иранското раководство очигледно смета и на сценарио во кое комуникациите и командниот систем би можеле да бидат нарушени.
Во исто време, расте загриженоста за вооружените групи во земјата, особено во Техеран, Курдистан и источните делови на Иран, каде што се активни бунтовнички формации.






