Техеран му пркоси на Бејрут: Прогласениот за „персона нон грата“ ирански амбасадор останува во Либан

Иран денеска соопшти дека неговиот амбасадор во Либан, Мохамед Реза Шибани, кого либанската влада претходно го прогласи за „персона нон грата“, ќе остане во Бејрут и ќе ја продолжи својата дипломатска мисија.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи Есмаил Багаи изјави пред новинарите дека амбасадата е активна и дека по разгледувањето на заклучоците на релевантните либански тела, одлучено е Шибани да остане на својата функција. Либанските власти досега не го коментираа овој официјален став на Техеран.
Израелскиот министер за надворешни работи, Гидеон Сар, упати остри критики на социјалната мрежа „Икс“, наведувајќи дека иранскиот амбасадор „пие кафе во Бејрут и ѝ се исмева на земјата-домаќин“, додавајќи дека Либан е „виртуелна земја под иранска окупација“.
Тензиите ескалираа откако либанската влада, под меѓународен притисок за разоружување на Хезболах, на почетокот на овој месец ги забрани воените активности на оваа група и на иранската Револуционерна гарда, по што следеше наредбата за протерување на амбасадорот. Хезболах ја нарече оваа мерка „капитулација пред надворешни диктати“ и организираше собир за поддршка во близина на иранската амбасада.
Додека траат дипломатските препукувања, воениот конфликт меѓу Хезболах и Израел продолжува. Според здравствените власти, досега во Либан загинале над 1.200 луѓе, а повеќе од еден милион се раселени поради израелската инвазија на југот и бомбардирањето на делови од Бејрут.






