Арјанит Хоџа: ДУИ е реформирана и со нови кадри, нереформираната ДУИ е во ВРЕДИ

Потпретседателот на ДУИ, Арјанит Хоџа тврди дека партијата поминала низ значајна трансформација и по последниот конгрес, структурата е суштински променета, што е редок пример во политиката. Променети се политичките околности, вели Хоџа кој самиот направи политички пресврт како претходен жесток критичар на партијата.
Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, Хоџа вели дека одлуката е резултат на подолг процес.
„Редовно се кажува дека политиката е уметност на тоа што не може да се реализира. Но, генерално во општеството политиката е флуидна дејност и нормално дека процесите се одвиваат премногу динамично“,рече Хоџа, потсетувајќи дека уште пред две години предупредил дека со промените во политичките сојузи се нарушуваат дотогашните баланси.
Тој оцени дека тие нарушени односи биле клучни за неговата одлука да се приклучи на ДУИ, тврдејќи дека партијата поминала низ значајна трансформација. Според него, по последниот конгрес, структурата е суштински променета, што, како што вели, е редок пример во политиката.
„И кога ќе пресметате после две години во Европскиот фронт и гледате дека после конгресот на ДУИ има 80% промена, каде што вака најнескромно кажувам дека е единствена политичка структура што успеала после 22 години да промени 80% од раководството, сосема нови лица и да нема проблеми во функционирањето, тогаш кажува дека да, ДУИ е веќе реформирана партија со нови ликови“, изјави Хоџа.
Во однос на политичките конкуренти, Хоџа вели – дел од структурите кои порано биле поврзувани со проблеми во ДУИ, сега се дел од други политички блокови.
„Јас мислам дека моментално имаме реформирано ДУИ со нови кадри, со одлична перспектива, со најголема организациона структура на ниво на државата и имате нереформирано ДУИ во ВРЕДИ“, рече тој.
На прашањето за улогата на лидерот Али Ахмети и одговорноста за претходните кадровски решенија и политики, Хоџа рече дека индивидуалната одговорност не може да се генерализира.
„Јас мислам дека секој лично ги сноси одговорностите и последиците од политичкото делување“, изјави потпретседателот на ДУИ, притоа нагласувајќи дека актуелниот фокус треба да биде на новите кадровски решенија и насоката во која се движи партијата.
Во интервјуто Арјанит Хоџа говори и за внатрепартиските реакции по неговото назначување за потпретседател, притоа негирајќи дека се соочува со отпор.
„Јас не чувствувам воопшто отпор, туку чувствувам двојна одговорност, повеќе од тие што биле тука внатре“,изјави тој, објаснувајќи дека неговото доаѓање е резултат на политички договор, а не на класична внатрепартиска процедура.
Во делот на односите со поранешни политички ривали, особено Артан Груби, Хоџа призна дека имал конфликти, но нагласи дека институционалната соработка секогаш функционирала.
„Сум имал комуникација во делот на професионалното работење. Без разлика на препукувањата, кога јас бев министер, а господинот Груби беше заменик-премиер, во ниту еден процес не беше ставено нашето индивидуално толкување за тоа како да се одвиваат работите“,рече Хоџа.






