Милатовиќ пред пратениците: Нашата визија за влез во ЕУ не е целосна без вас

Нашето пријателство ги надраснува вообичаените дипломатски фрази за отсуство на отворени прашања. Тоа е суштинско, тоа е преживеано и тоа е вистинско.

Тоа е пријателство што го граделе поединци, како нашиот голем книжевник Радован Зоговиќ, кој во црногорскиот и во македонскит карактер го препозна истиот непокорлив дух на слободата. Тоа е нишката што нè врзува, а се гледа во делото на вашиот голем писател и револуционер Кочо Рацин, кој во црногорските другари виде браќа според идеалите на правдината – истакна црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ во обраќањето пред македонскиот парламент.

 

Милатовиќ, кој е во прва официјална посета на нашата земја, потенцира дека Црна Гора денеска стои пред вратата на Европската Унија и оти со оптимизам очекува дека набргу ќе стане првата нејзина наредна членка.

– Ние сакаме да станеме 28-ма земја членка во 2028 година. Меѓутоа, сакам тоа овде јасно да го кажам, нашата визија не е целосна без вас. Нашата визија е целиот Западен Балкан како нераскинлив дел од европското семејство – истакна Милатовиќ.

На надворешнополитички план, потсети тој, „ние чекориме со ист чекор и се гордееме што можевме да ви подадеме рака кон членството во НАТО“. – Денес ја потврдуваме нашата целосна усогласеност со евро-атланските вредности – рече Милатовиќ.

Осврнувајќи се на соработката меѓу двете земји, црногорскиот претседател Милатовиќ рече дека нашата соработка во економијата, во инфраструктурата, енергетиката и туризмот не треба да остане само на ниво на потенцијал.

– Наша должност е заедничка институционално да ги поврземе нашите стопанства и да ги модернизираме нашите општества за резултатите на нашите политики да станат мерливи со подобар живот на секој граѓанин – рече Милатовиќ.

Во времиња на големи глобални искушенија, додаде тој, нашите држави остануваат вредносни патокази за почитување и за уважување на различностите, кое за нас се богатство.

Со тоа даваме клучен придонес кон нашиот заеднички регион праќајќи јасна порака и од Скопје и од Подгорица дека разните вери и нации не се ѕидови што нè делат, туку мостови што силно нè врзуваат и спојуваат – рече црногорскиот претседател пред пратениците.

На обраќањето на Милатовиќ во пленарната сала присуствуваа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која е негов домаќин и со која имаше средба и прес-конференција во Вилата „Водно“, а неговиот говор го проследија и членови на македонската Влада, претставници на правосудството, верски лидери, како и членови на дипломатскиот кор во земјата.

Во Собранието црногорскиот претседател имаше средба и со претседателот на законодавниот дом, Африм Гаши.

Back to top button
Close