Русија изврши нови ракетни напади врз Киев и околниот регион

Руските сили извршија нови ракетни напади врз Киев и околниот регион, при што во украинскиот главен град се слушнале повеќе од десетина експлозии.

„Непријателот ги гаѓа инфраструктурните објекти со балистички проектили“, напиша градоначалникот Виталиј Кличко на Телеграм рано утрово, пријавувајќи експлозии во предградијата.

Нападот се случил во неколку бранови. Засега нема извештаи за жртви или материјална штета.

Според украинските воздухопловни сили и набљудувачи блиски до војската, цел на нападите биле термоелектраните во и јужно од Киев, како и една електрична подстаница западно од главниот град.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски кратко пред нападот предупреди на нови руски удари врз енергетските објекти и мостовите преку реката Дњепар.

Русија ги интензивираше нападите врз енергетската инфраструктура на Украина во изминатите недели, особено околу Киев, оставајќи милиони луѓе соочени со повеќечасовни прекини во снабдувањето со струја, како и со нарушувања во снабдувањето со вода и греење.

Back to top button
Close