Институционалните пропусти во случаите на семејно насилство бараат нови механизми за рана интервенција, вели омбудсманот

На денешната прес-конференција по повод годишниот извештај за состојбата со човековите слободи и права за 2025 година, кој е доставен до Собранието, омбудсманот, меѓу другото, изјави оти е потребно да се воспостават механизми за рана интервенција што ќе овозможат заштита дури и кога жртвата формално не поднела пријава.

Сељами рече дека овие заклучоци произлегуваат од постапувањето на омбудсманот по предмети за случаи на фемицид, каде биле констатирани пропусти во институционалната реакција, поради што, додаде, е потребно да се обезбеди превенција и координиран системски пристап кај семејствата со ризично однесување.

При анализа на конкретен случај на фемицид, народниот правобранител соопшти дека било констатирано оти Центарот за социјални работи воопшто немал сознанија за проблемите во семејството, а полицијата ненавремено постапувала, барајќи формална пријава лично од жртвата.

 

Сељами наведе и дека кога жртвата ќе пријави, мора да биде сигурна дека државата ѝ гарантира безбедност, наместо да биде принудена да се врати кај своите роднини, правејќи ги и нив потенцијални жртви.

При анализа на конкретен случај на фемицид, Сељами истакна дека било констатирано оти Центарот за социјална работа воопшто немал сознанија за проблемите во семејството, а полицијата ненавремено постапувала барајќи формална пријава лично од жртвата.

Во однос на извештајот, омбудсманот рече дека и покрај тоа што во втората половина на 2025 година институцијата Народен правобранител работела без прв човек, основната дејност за заштита на граѓаните се одвивала непречено.

 

Најмногу претставки за правосудството

Според статистичките податоци, кои ги наведе, било постапувано по вкупно 2 921 претставка, од кои 2 400 биле примени во текот на годината. Најголем број претставки, како што наведе, се однесуваат на случаи од сферата на правосудството, по што следуваат претставките за потрошувачките права.

 

„На прво место е правосудството со 307 претставки или 12,79 проценти, потоа следуваат претставките од потрошувачките права, со 264 претставки или 11 проценти, од работните односи 219 претставки или 9,13 проценти и од областа на детските права 189 или 8,25 проценти“прецизира Сељами, пренесе МИА.

Осврнувајќи се еколошките инциденти што се случија минатата година во земјава, Сељами посочи дека во областа на животната средина е забележано најголемо зголемување на бројот на претставки. Граѓаните реагирале на екстремно загадениот воздух и на еколошките инциденти, како пожарите на депониите и огромните количини пластичен отпад.

„Заштитата на животната средина останува еден од главните предизвици во нашето работење. Од причина што, иако државата е должна на сите да им обезбеди уставно загарантирано право на здрава и чиста животна средина, сепак и минатата година имавме екстремно загаден воздух во поголемите градови во државата. Како последица на лошото управување со отпадот, гореа и депонии, кои и онака се надвор од сите еколошки стандарди. Во оваа пригода сакам да ве информирам дека токму во областа животна средина бележиме најголемо зголемување на бројот на претставките“,

 

рече народниот правобранител.

Институцијата, како што наведе тој, утврдила дека надлежните органи несоодветно одговараат на поплаките и меѓусебно си ја префрлаат одговорноста.

Дополнително, вели Сељами, загрижува фактот што во државата се издадени само две интегрирани еколошки дозволи за депонирање отпад, и тоа за „Дрисла“ и една за комунална дејност, а воопшто нема дозволи за опасен и инертен отпад.

„Загрижува тоа што во земјата се издадени само две дозволи за вршење дејност депонирање отпад, и тоа една интегрирана еколошка дозвола за депонијата „Дрисла“ – Скопје и една интегрирана еколошка дозвола за комунална дејност. Притоа нема издадено дозволи за депонија за опасен отпад, ниту за инертен отпад, а од двете депонии што поседуваат интегрирани еколошки дозволи воопшто нема доставено писмени известувања за негативните влијанија врз животната средина“рече тој.

Во однос на минатогодишните локални избори, Сељами посочи дека над 70 проценти од избирачките места биле непристапни за лицата со попреченост, со несоодветни паравани и со гласачки кутии поставени превисоко за лицата во инвалидски колички. Додаде и дека Брајовите шаблони ретко се користеле поради необученост на одборите.

 

Бирократски апсурди

Омбудсманот, исто така, посочи и дека биле евидентирани случаи на институционална неажурност во делот на социјалната заштита и администрацијата, истакнувајќи неколку примери на граѓани што се соочуваат со „бирократски апсурд“.

 

„Имавме случај кога мајка, иако уредно и навреме доставила документи за остварување на правото на еднократна парична помош за новородено бебе, иако барањето ѝ било уважено од Центарот за социјална работа – Делчево, за исплата чекала речиси половина година. Одговорот на Министерството и на Центарот за социјална работа – Делчево беше апсурден. Станувало збор за наводен технички проблем во системот при исплатата на средствата, односно неповрзување на социјалниот број со трансакциската сметка во банка, нешто поради што странката никако не смее да трпи“,

 

рече Сељами.

Во однос на позитивни и негативни моменти, извештајот за 2025 година, како што се наведува, бележи напредок и позитивни резултати кога станува збор за образованието на штитениците од воспитно-поправните домови и донесувањето на законските измени за вработување на лицата од аутистичниот спектар.

 

Наспроти ова, целосно отсуство на напредок е констатирано во постапувањето на управните судови, каде што граѓаните и натаму талкаат низ овие институциите, како и во работата на извршителите.

„Област во која нема никаков напредок се казнено-поправните установи, во кои условите за престој и натаму се крајно нехумани, деградирачки и го повредуваат достоинството“,наведе народниот правобранител.

 

Back to top button
Close