Братот на Ивана: Стојанче ѝ се заканувал на Ивана со пиштол, а кога му го заплениле возилото со дрогата го бараше преку оставинска постапка

Братот на Ивана, Александар Стојановски во денешното сведочење во судскиот процес каде Стојанче Јовановски е обвинет за наведување на самоубиство на Ивана, посочи дека семејството постојано ѝ давало целосна поддршка на Ивана, вратата на домот постојано била отворена за неа и за Катја, достапен бил да ја поддржи сестра си кога била во тешка финансиска состојба поради незаинтересираноста на Стојанче околу домашниот буџет и отплаќањето на кредитот, но и зборуваше за големата контрола, доминација и економска експлоатација што Стојанче ги вршел врз сопругата, големиот страв што таа го чувствувала бидејќи Стојанче ѝ се заканувал дека ќе ја убие со пиштол.

Откако стапила во брак со Стојанче, заедничките пријатели што братот и сестрата ги имале престанале да се дружат со Ивана, а на почетокот на 2025 година, како што рече тој, почнале големи промени во нејзиното однесување, престанала да им праќа фотографии од Катја на членовите на семејството, односно Стојанче постепено ја вовлекувал во изолација. Според нејзиниот брат, не е точно дека Ивана доброволно се враќала во станот да живее со Стојанче.

-После сите уцени што Ивана ми ги кажа во делот со парите и заканите кон неа, но и колку е исплашена за Катја, особено кога беше во болница каде цело време ја бараше Катја, јас не мислам дека сестра ми доброволно се вратила да живее со Стојанче, рече Александар Стојановски на денешното рочиште во Кривичниот суд.

Тој првпат дознал за магнитудата на проблемите со зетот, летото 2025 година, кога Стојанче Јовановски ги истепал и ги исфрлил сопругата и ќерката на автопатот кај Штип и ги оставил крај банкина и си заминал за Скопје сам.

-Кога се случи тоа на автопатот во Штип, летото 2025 година, дента се враќав од одмор и наредниот ден дознав. Веднаш потоа сестра ми се врати кај мајка ми и татко ми заедно со Катја. Тогаш почна да ги кажува работите кои се случувале во тој период. Тогаш е првиот момент каде сестра ми се отвори и ми се довери дека има сериозни проблеми и дека има потреба од помош за да ги решиме. Во тој момент татко ми ангажираше адвокат за да почне бракоразводна постапка и Ивана и Катја да бидат кај нас поточно кај мајка ми и татко ми дома. Ивана ми се довери во тој момент за неколку проблеми. Првиот проблем е за нејзиниот стан. Дека таа се сомнева дека обвинетиот има направено фалсификат и дека без нејзина согласност на нотар е префрлен станот на негово име. Ова го знае и самиот адвокат кој што беше ангажиран од мојот татко за да ја спроведе постапката. Ивана кажа дека има доказ за такво нешто, дека е во нејзиниот телефон и дека ќе му го префрли на адвокатот. Но тоа не се случи. Исто така Ивана кажа дека има дополнителни докази за некои активности на обвинетиот, се плаши од тоа и дека се во нејзиниот телефон. Зборувавме да ги извади на надворешно УСБ и да ми го даде на мене и на адвокатот зашто во тој момент сериозно се загриживме за неа, рече Стојановски.

Повеќе

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close