СКРМ: Кој го лаже Уставниот суд? Зошто министерот Љутков не доставил точни информации за основната плата на вработените во културата?

Соопштение на СКРМ:

Кој го лаже Уставниот суд на Република Северна Македонија? Зошто релевантното Министерство за култура, односно министерот Зоран Љутков, не доставил точни информации за основната плата на вработените во културата? Зошто јавноста постојано се подгрева со неточни информации за платите во културата? Ќе одговара ли некој за оваа неправедна хајка кон вработените во културата?

Информациите за платите на вработените во културата се јавно достапни и лесно проверливи. Секој со основно знаење од математика ќе дојде до точните износи. Го отворате Колективниот договор за култура и ги гледате коефициентите, кои потоа ги множите со бруто минималната плата и ги одземате даноците (лесно се прави со онлајн-калкулатор за бруто/нето) и доаѓате до точната сума.

*Најниска плата во културата:

Шифра КУЛ 04 01 Б03 и коефициент 1.154 – хигиеничар, парно ложач, НКВ работник за одржување на објектите.

Минимална бруто плата во РМ во 2023 година била 29.739. Нето 20.175. Во 2023 хигиеничарката со 1.154 во културата земала 23.281 денар. Во септември 2023, според Општиот Колективен договор таа добила 10%, односно 2328 денари, и вкупната плата дошла до сума од 25.609 денари.

Во 2026 година минималната плата е усогласена на 38.507 бруто. Помножено со коефициентот 1.154 доаѓате до нето 29.889. Наместо хигиеничарката од ОКД да добие 10% и тоа да бидат 2988 денари, таа ја добива разликата од август и септември, односно 2328 денари (или 660 денари помалку, за што СКРМ ги покрена оние 800 тужби), па на 29889 + 2328, добивате дека најниската основна плата во културата за хигиеничар е 32.217 денари.

Според дезинформациите кои ги добил Уставниот суд, најниската плата е 45.000.

Тоа се 12.783 денари повеќе, пари кои не постојат на сметките на вработените.

 

*Највисока плата во културата:

Шифра КУЛ 03 04 А01 и коефициент 3.265 – Балетски играч првенец, актер првенец, оперски солист првенец, диригент.

Највисоката плата во културата во 2023 година била 64.013 денари. Со 10% од ОКД или 6401, во септември највисоката основна плата во културата била 70.414 денари.

Во 2026 година минималната плата по коефициент 3.265 дава нето плата од 82.563 денари. На тоа, наместо работникот да добие 10% според ОКД, или 8256, нему државата му ја дава разликата за август и септември 2023 година, односно 6401 денар (1855 денари помалку, за што СКРМ тужи), со што доаѓаме до највисоката основна плата во културата која изнесува 88.964 денари.

До оние 128.000 денари на Уставниот суд, има разлика од цели 39.000 денари.

 

*Највисоката плата во заштитата на културното наследство, каде што вработените подлежат на кривична одговорност:

Шифра КУЛ 03 04 Д01 со коефициент 2.584 – Библиотекар советник, кустос советник, конзерватор советник, документатор советник, филмолог советник, раководител сектор или одделение во библиотека/музеј/конзерваторски центар/кинотека:

2023: 50.889 + 10% (5088) = 55.977 денари

2026: 65.570 + 5088 = 70.658 денари

 

Ако ги погледнете работните позиции, групите и категориите во колективниот договор, ќе забележите дека на најголем дел од работните места во културата, на кои работат мнозинството од вработените во институциите или на скоро 80% од нив, и со ова последно усогласување на минималецот, платите им се движат во амплитудата од 35,000 до 55.000, односно во рамките на просечната плата.

Ако сето ова се укине, хаосот во платите и во работните места ќе се врати. Од перфектно усогласен ред, хаосот во културата повторно ќе завладее и ќе не турне 30 години наназад.

 

Back to top button
Close