Кинеската банка „Ексим“ веќе не ја финансира изградбата на делницата Кичево – Охрид, соопшти Мицкоски


Изградбата на автопатската делница Кичево – Охрид веќе не се финансира со пари од заемот на кинеската банка „Ексим“ и инфраструктурниот проект кој се гради речиси деценија и половина ќе биде финализиран со пари од домашните банки.

Панорамски поглед од изградбата на автопатот Кичево – Охрид / Фото: Архива
Ова денеска го соопшти премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања за време на посетата на Струга во врска со автопатиштата чија изградба е во тек во државава.

Мицкоски во таа смисла наведе дека е задоволен од динамиката на изградбата на автопатските делници на коридорите 8 и 10, додека за делницата Кичево – Охрид кажа дека имале мала тешкотија во делот на обезбедувањето средства.

„Сите делници од Коридорот 8 се одвиваат во согласност со предвидената динамика. Во моментот се работат галериите. Имавме мала тешкотија, морам да признам, особено во делот на обезбедувањето средства за довршување на делницата Кичево – Охрид затоа што заемот од кинеската банка ‘Ексим’ повеќе не го добиваме, престана, но бргу се реорганизиравме. Тој проблем е надминат, формиран е еден синдикат од домашни банки со исклучително поволни услови и тие практично ќе го дозавршат финансирањето. Тоа ќе биде последно и со ова, конечно, оваа делница ќе биде функционална“,
кажа Мицкоски.

Инаку, кон крајот на февруари беше соопштено дека новиот краен рок за завршување на градежните работи на автопатот Кичево – Охрид ќе биде 31 мај 2027 година, како што предвидува анексот број 8 на основниот договор меѓу Јавното претпријатие за државни патишта и кинескиот изведувач „Синохидро“.

Анексот предвидува и нови 186 милиони евра за довршување на проектот, со што вкупната вредност дополнително е зголемена. Средствата се наменети за стабилизација на свлечиштата преку изградба на 14 галерии, поставување еластична одбојна ограда според европските стандарди, изградба на паралелни пристапни патишта за поврзување на населените места покрај трасата, како и за контролен центар за тунелите, вклучително и тунелот Пресека.

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на почетокот на март во интервју за „360 степени“ рече дека и покрај новиот законски рок самата градба ќе биде завршена во ветениот термин.

Автопатот долг 57 километри се гради од 2014 година. Досега се пуштени околу 40 километри, и тоа делниците Врбјани – Ботун и Климештани – Охрид, додека другиот дел сè уште е во изградба. Вредноста на првичниот договор беше 373 милиони евра, а сега, според пресметките на Транспорт, вкупната инвестиција достигнува 784 милиони евра.

Инаку, премиерот денеска изјави дека напредуваат делниците Тетово – Гостивар и Гостивар – Букојчани, а предаден е и извештајот до заемодавателите за делницата Букојчани, приклучок Кичево, на автопатската делница Кичево – Охрид.

„Во тој дел сум исклучително задоволен. Исто така, прилично солидно напредува и реализацијата на делницата Прилеп – Битола, која е дел од Коридорот 10-д“,изјави Мицкоски.

Премиерот Христијан Мицкоски дава изјави за медиумите за време на денешната посета на Струга / Фото: Влада на РС Македонија, Сектор за односи со јавност
Во однос на трасата на Коридорот 8, која поминува низ заштитено подрачје, Мицкоски рече дека одблиску ја следи состојбата и оти во јуни работите ќе бидат појасни откако во земјава ќе пристигне стручен тим за процена на состојбите од УНЕСКО.

„Што се однесува до трасата, ако не е таа, ние ќе најдеме решение со друга траса. Но тоа е повторно состојба за која не сме толку многу загрижени бидејќи има решение. Поголем проблем е со семејните судбини, кога семејствата не може да се развиваат, тука многу внимателно мора да пристапиме, а имаме и однесување во минатото, кое, за жал, е забележано тука во општина Струга, кое нанело непоправливи штети на имиџот на државата пред УНЕСКО“,

кажа премиерот.
Во таа насока, тој кажа дека очекува во втората половина на мај да пристигнат инспекторите од УНЕСКО додавајќи оти лично ќе ги запознае со аргументи за состојбите.

„Мислам дека во втората половина на мај треба да дојде инспекција од УНЕСКО. Јас лично ќе бидам нивен домаќин и лично јас ќе им ги пренесам аргументите што сега ги зборуваме. Ние мора ова да го развиваме. Струга и Охрид се наши туристички бисери и ние мора да ги развиваме. Има и други туристички места во светот што се под УНЕСКО, но се развиваат, и ние бараме ист и фер третман. Ние како влада ќе сториме сè што е наш приоритет и во интерес на граѓаните“,кажа премиерот.

Back to top button
Close