По победата на Маѓар, Унгарија би можела да добие милијарди евра од ЕУ
Убедливата победа на Петер Маѓар на парламентарните избори во Унгарија ѝ донесе силен мандат на неговата партија Тиса, што ќе ѝ овозможи одврзани раце за спроведување реформи, зајакнување на владеењето на правото и потенцијално одмрзнување на милијарди евра од Европската Унија. Според анализите, двотретинското мнозинство што го обезбеди новата власт се смета за најповолен исход за европските пазари и институции, иако до последен момент важеше за малку веројатно сценарио.

Економистите оценуваат дека ваквиот резултат може да поттикне раст на финансиските пазари, но предупредуваат дека оптимизмот е проследен со одредена доза претпазливост. Новата влада ќе мора да ги исполни најавените реформи за целосно да ги почувствува придобивките, особено во однос на одмрзнувањето на европските фондови.
Аналитичарите посочуваат дека победата на Тиса претставува пресвртница што ќе му овозможи на Маѓар да владее без значајни ограничувања. Со тоа се отвора можност за демонтажа на политичкиот систем воспоставен од поранешниот премиер Виктор Орбан, како и за спроведување на реформите што ги бара Брисел, вклучително и зајакнување на независноста на судството и зголемување на транспарентноста.
Изборите се сметаа за клучни за европските финансиски пазари, имајќи ги предвид долгогодишните тензии меѓу Орбан и Брисел, особено околу прашања како миграцијата и односите со Русија. Новиот лидер најави дека Унгарија ќе се позиционира како силен сојузник на Европската Унија и НАТО, како и дека ќе работи на обновување на нарушените односи со западните партнери.
Еден од главните приоритети на новата влада ќе биде деблокадата на средствата од европските фондови, кои беа замрзнати поради нарушувања на демократските стандарди. Сепак, дел од дипломатите и кредитните агенции остануваат скептични дали овие средства ќе бидат исплатени без конкретни резултати и докази за реални реформи.
Во меѓувреме, Маѓар веќе побара оставки од високи функционери во правосудството и регулаторните тела, обвинувајќи ги дека се дел од системот воспоставен во изминатите години. Тој најави и решителна борба против корупцијата, како дел од напорите за исполнување на условите на Европската Унија.






