Иран предупредува дека повторно ќе ја затвори Ормуската Теснина доколку продолжи блокадата на САД

Иран предупреди дека повторно ќе ја затвори Ормуската Теснина доколку продолжи американската блокада на иранските пристаништа, пренесе ДПА.
„Со продолжувањето на блокадата, Ормуската Теснина нема да остане отворена“, напиша рано утринава претседателот на иранскиот Оарламент, Мохамед-Багер Галибаф, на Икс.
Тој додаде дека транзитот низ водниот пат, што е од витално значење за глобалниот пазар на нафта и гас, ќе се одвива по „одредена рута“ и со „иранско овластување“.
По неколку недели блокада поради војната меѓу САД и Израел против Иран, раководството во Техеран вчера соопшти дека танкерите за нафта и комерцијалните бродови повторно би можеле да поминат низ Ормуската Теснина за време на прекинот на огнот.
Американскиот претседател, Доналд Трамп, исто така, го најави повторното отворање на мореузот, но додаде дека САД ќе ја одржат својата поморска блокада, која се однесува само на бродовите што доаѓаат до и од Иран.
Објавата на Трамп на неговата мрежа Truth Social дека блокадата на САД ќе остане „до целосно склучување на нашите договори со Иран“ предизвика негодување во Техеран.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаеи, исто така ги предупреди САД. Според новинската агенција Тасним, тој рече дека поморската блокада претставува кршење на прекинот на огнот и ќе предизвика соодветен одговор од Иран.
Галибаф напиша дека дали преминот е отворен или затворен, како и прописите што го регулираат, ќе бидат утврдени на терен, „а не од социјалните медиуми“.
Тој го обвини Трамп дека изнесува лажни тврдења и рече дека САД нема да стигнат понатаму во преговорите на тој начин, пренесе ДПА.






