Излезе од печат најновата илустрирана книга за деца „Сон на балон“ од Александра Велинова
„Сон на балон“- најновата илустрирана книга за деца од Александра Велинова во издание на ИК „Едука Мак“ беше промовирана на Саемот на книга. Автор на илустрациите е Никола Темков. Извадоци читаа ученици од основноти училиште „Љубен Лапе“ од Скопје под менторство на наставничката Маја Младеновска. Преку видео обраќање Анастасија, Ана, Лука, Инес, Илари наши деца кои живеат во Германија, Италија, Франција истакнаа дека им недостасува слободата во Македонија, другарчињата, роднините, но и специјалитетите на нивните баби. Сепак, врската со Македонија е нераскинлива Анастасија снима видеа за родната земја. Ана сонува да игра за женската македонска фудбалска репрезентација. Инес и Илари сакаат ова лето да го поминат кај нивната баба во Кочани. Лука има желба од септември да учи во училиште во Прилеп и да ги гледа Марковите кули од прозорецот на неговиот дом, иако е роден во Германија.

„Сонот на детето – да посети во еден ден, што повеќе другарчиња кои не живеат веќе во родната грутка и кои се во иселеништво, а со кои до неодамна сме го делеле веселото детство – е одлично пронајдена тема со голема идеја и поучни, едукативни пораки, поведена од брилијатна нарација која возбудливо и филмски тече, напишана на велемајсторски изработен стил.“-истакна универзитетската професорка Кристина Николовска.

Ова најново дело од Велинова посветено на најмладите читатели обработува актуелна тема –ИСЕЛУВАЊЕТО. Речиси и да нема дете што нема роднини, пријатели, блиски што живеат во странство. Алексеј се охрабрува да се качи во волшебниот балон и да тргне во потрага по своите другарчиња што се преселиле во Германија, Италија, Франција, Австралија, Канада… Ќе слета на фудбалски терен, ќе се обиде да сурфа, ќе јаде пица во Италија, ќе лета над Нијагарини водопади и ќе разговара со гулабот неговиот туристички водич.
-„Сон за балон“ е хумористична, едукативна, емотивна и топла приказна која зборува за пријателството и моќта на детската фантазија. Отвора важни теми за растењето, иселувањето, пријателството на далечина и чувството на припадност „Сон на балон“ е наменета за деца, но носи силна порака и за возрасните – дека домот не е само место, туку чувство кое го носиме во себе – вели Велинова.
Преку авантура, најмладите читатели ќе учат за различни земји, култури, симболи, па и за историјата. „Сон на балон“ е поддржана од Министерство за култура.






