Институтот за македонска литература го промовира зборникот на трудови „Траумата во литературата

Институтот за македонска литература го промовира зборникот на трудови „Траумата во литературата“ и презентација на резултатите од истоимениот научноистражувачки проект на Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, поддржан од Министерството за образование и наука на РС Македонија.

Промоцијата ќе се одржи на 29 октомври 2026 г. во 12 часот во конференциската сала на Институтот за македонска литература во Скопје и на неа ќе бидат презентирани финалните резултати што произлегоа од научните трудови од Меѓународната конферeнција „Траумата во литературата“ што се одржа на 13 и 14 мај 2026 г. во „Јуроп хаус“- Скопје (Europe House – Skopje).

Покрај главната уредничка на Зборникот, проф. д-р Ана Мартиноска, на промоцијата ќе се обратат и проф. д-р Соња Стојменска-Елзесер, директорка на Институтот за македонска литература во Скопје, проф. д-р Тихомир Д. Брајовиќ, Филолошки факултет, Универзитет во Белград и проф. д-р Никица Гилиќ, Филозофски факултет и Академија за драмска уметност, Универзитет во Загреб.

Оваа година, кога Институтот за македонска литература одбележува 45 години постоење, вкупно 28 истражувачи од земјава и странство имаа можност заедно да работат на научно-истражувачкиот проект „Траумата во литературата“ под раководство на проф. д-р Ана Мартиноска. Истражувањата опфатија широк спектар на теми: миграции, егзил, воени конфликти, природни катастрофи, климатски промени, транзициски процеси, насилство, телесни тортури, ментални нарушувања, трансгенерациски трауми, табуа и други.

Зборникот на трудови „Траумата во литературата“, како финален резултат од научноистражувачкиот проект, нуди толкувања на репрезентацијата на личната, колективата и културната траума во различни развојни етапи на македонската книжевност — од средниот век, преку народната литература и XIX век, сѐ до современата книжевна продукција. Проектот како целина оформува дијахрониски преглед на генезата и еволуцијата на книжевните студии за траумата во нашата средина, но и укажува на нејзината актуелна релевантност во рамките на современите теориски, компаративни и интердисциплинарни пристапи.

Back to top button
Close