Невреме во Истанбул: поплавени улици, сообраќаен хаос и спасени лица од заглавен автомобил

Обилни врнежи денеска го погодија најголемиот турски град Истанбул, каде што патиштата се претворија во езера, а возила останаа заглавени во надојдената вода. Поради обилниот дожд, поплавен е подвозник во населбата Кајнарџа, од каде што екипите на итната помош спасиле возач и дете, кои биле заробени во автомобил. Турските медиуми објавија снимка на која се гледа како дождовницата се слева од улицата во подвозникот како водопад.

Дождот почна да врне во Истанбул во текот на ноќта, а утрово се засили, пренесува „Си-ен-ен Турк“ наведувајќи дека поради врнежите, создадени се големи сообраќајни метежи во повеќе делови од градот како на европската така и на азиската страна.

Според мапата на сообраќајниот метеж на Градската општина Истанбул, оптовареноста на сообраќајот во градот достигнала 80 проценти. На азиската страна таа изнесувала 89 проценти, а на европската 71 процент.

Телевизијата „ТРТ хабер“ јавува дека поради невремето и обилните врнежи, Босфор добил две бои по заматувањето на водата од калта. Центарот за координација при катастрофи извести за силни северни ветрови и пад на температурата на воздухот за 12 степени.

Според утринските податоци, најмногу дожд наврнал во населбата Дарлик, во округот Шиле, каде што биле измерени 83,9 килограми вода на квадратен метар. Се очекува врнежите што го зафатија подрачјето на Босфорот во наредните часови да се засилат на европскиот дел на Истанбул по што постепено ќе ослабат.

На терен се распоредени повеќе од 8.000 луѓе во тимови, кои продолжуваат да работат на отстранување на потенцијалните последици од невремето и обилните врнежи што го погодија целиот град, а во работата им помагаат и речиси 2.400 возила.

Истанбул веќе беше погоден од поплави на 14 октомври кога, поради големо количество дожд, загинаа шест лица.

Back to top button
Close