СТУДЕНТСКА ЛИСТА БЕЗ СТУДЕНТИ  

Кој ја носи победата, а кој ќе ја носи одговорноста

Деновиве, во центарот на политичките случувања на Балканот беше соседна Србија, која одржа предвремени парламентарни избори. Резултатите покажаа убедлива победа на Студентската листа, со предложени 250 кандидати, меѓу кои еминентни доктори, професори, спортисти, уметници и музичари. Она што кај мене предизвика особено внимание е фактот што меѓу претставените кандидати не препознав студенти, токму оние во чие име оваа политичка листа настапи пред јавноста.

Не е спорно кој победи на изборите. Прашањето е кој ќе управува со победата.

Како Македонец, имам искрена желба кај сите наши соседи, во сите балкански држави, да завладее вистинската слобода за креирање на сопствениот и заедничкиот просперитет. За мене, силна Србија, силна Бугарија, силна Грција, силни Албанија и Косово се патоказот врз кој треба да се темелат нашиот заеднички соживот и нашата иднина.

Силата на Балканот не треба да се мери со слабоста на соседот, туку со заедничката способност да изградиме мир и просперитет.

Немам намера да бидам критички настроен кон тукушто завршените предвремени парламентарни избори во Србија. Меѓутоа, се наметнува прашањето, зошто во самиот назив на учесниците на овие избори се користи зборот „студентска листа“, а студентите не се видливи како директни носители на парламентарните мандати?

Прашувам:

Дали еминентните личности на Студентската листа се избор на самите студенти или претставуваат избор на одредени структури кои имаат силно влијание во Србија, а можеби и на некои надворешни фактори? Со други зборови, дали студентите избраа свои претставници или некој друг избра претставници во нивно име? Несомнено, на листата има еминентни личности, како господинот Дејан Шошкиќ, поранешен гувернер на Народната банка на Србија, д-р Илија Срдановиќ, кардиолог, како и многу други почитувани професори, доктори и стручњаци. На сите нив им посакувам со голем ентузијазам, посветеност и одговорност да ја креираат иднината на Србија и на сите нејзини граѓани, меѓу кои и на моите Македонци.

Сепак, сè уште не можам да си го одгатнам прашањето, зошто на овие парламентарни избори беше употребен токму зборот „студент“.

Јавноста знае дека студентите се наши деца, кои се во завршната фаза на својата едукација, на патот да станат личности со знаење, способности и одговорност, за да ја креираат сопствената иднина и иднината на целата заедница.

Повторувам, студентите се наши деца. Тие се генерацијата на која треба да ѝ ја оставиме иднината, но и генерацијата на која треба да ѝ дозволиме самата да учествува во нејзиното создавање. Дали оваа политичка структура мораше да го користи зборот „студент“ или „студентска листа“?

Не е доволно еден политички проект да го носи името на младоста. Тој мора да ја носи и нејзината волја

Се поставува и базичното прашање, колкаво ќе биде вистинското влијание на самите студенти во новиот државен систем, со оглед на фактот што студентскиот статус кај секој поединец временски е ограничен, најчесто на период од четири до шест години? Што ќе се случи со ова движење кога денешните студенти ќе станат дипломирани граѓани, а на нивно место ќе дојдат нови генерации?

Студентите можат да бидат двигатели на промените, но дали ќе бидат и нивни вистински сопственици

Почитувани читатели,

Им посакувам вистински успех на победниците на предвремените парламентарни избори. Им посакувам успех во намерата да ја издигнат Србија во очите на светската заедница, а најмногу во очите на сопствените граѓани и на нас, нивните соседи, кои заеднички мораме да ја креираме нашата балканска иднина.

Особено сум импресиониран од господинот Дејан Шошкиќ, поранешен гувернер на Народната банка на Србија, кој поднел оставка од таа висока функција кога бил соочен со предложени законски решенија кои, според неговата оценка, ја загрозувале независноста на централната банка.Тоа е пример кој заслужува внимание.

Функцијата не треба да биде поголема од принципот, ниту личниот интерес поголем од институцијата

Посакувам и Македонија да има таков гувернер на нашата Народна банка, кој вистински би се залагал за нејзината независност и би имал храброст да им се спротивстави на одредени законски решенија, особено во поглед на одговорноста на високите функционери во оваа институција. Во јавноста, на социјалните мрежи, деновиве се појави еден рилс со наслов „Збогум Европа“ (Goodbye Europa), со глас кој мене лично ме потсети на Џо Кокер. Очигледно, Европската Унија во последната деценија поминува низ тежок период, исполнет со предизвици за нејзината стабилност и иднина. Немири и незадоволство ја потресуваат Франција. Економските предизвици го отежнуваат секојдневието на граѓаните во повеќе европски држави. Руско-украинската војна, во која Европската Унија застана со поддршка и одбрана на Украина, го доведе светот во состојба на голема неизвесност. Воените судири и тензии на Блискиот Исток, меѓу Иран, Израел, САД и другите засегнати држави од регионот, се дополнителен доказ за опасностите пред кои е исправен современиот свет.

Дали е на повидок Трета светска војна

Ова прашање, кое до неодамна можеби звучеше незамисливо, денес сè почесто се поставува во јавноста. Воената индустрија се зајакнува во земјите вклучени во вооружените конфликти и во државите кои се подготвуваат за можни закани, а тоа, во основа, значи огромни финансиски средства насочени кон производство на оружје, средства кои, во поинакви околности, би можеле да бидат вложени во образованието, здравството, науката и подобриот живот на граѓаните.

Мирот не се гради со сè повеќе оружје, туку со сè поголема одговорност кон човекот

Нашата Македонија и натаму тежнее кон полноправно членство во Европската Унија. Еден од клучните услови за продолжување на нејзиниот европски пат е внесувањето на Бугарите во нашиот Устав. За мене е неприфатливо таквото барање да доаѓа во околности во кои сметам дека мојот македонски национален идентитет, со сопствениот јазик, литература, култура и историја, не го добива заслуженото признавање и почитување од соседна Бугарија. За мене, ова барање од Европската Унија, во вакви околности, е нешто што никогаш нема да го прифатам.

Европската иднина не смее да биде условена со откажување од сопствениот национален идентитет

Почитувани читатели,

Сопствената иднина најнапред треба да ја креираме сами, во сопствената држава и заедно со нашите соседи.

Не можеме постојано да очекуваме другите да ја одредуваат нашата судбина, ниту да ја довериме нашата иднина на туѓи интереси.

На Србија ѝ посакувам успех. На сите наши соседи им посакувам стабилност, слобода и просперитет. А на Македонија ѝ посакувам мудрост, достоинство и храброст да ја гради сопствената иднина.

Вистинската победа не е само да се освои власта, туку да се оправда довербата. Вистинската слобода не е само да се избере кој ќе нè води, туку никогаш да не ја изгубиме моќта самите да одлучуваме за нашата иднина.

И на крајот, едно прашање што важи и за студентите во Србија, и за нас во Македонија и за сите народи на Балканот:

Ќе бидеме ли творци на сопствената иднина или само сведоци на иднината што други ќе ја создаваат во наше име?

Back to top button
Close