Агентот ранет на вечерата со Трамп пуштен дома: „Панцирот спречи трагедија“


Агент на американската Тајна служба, кој беше ранет за време на нападот на гала вечерата за новинари во Вашингтон, е пуштен од болница и се наоѓа на домашно лекување, потврдија официјални извори.

Информацијата ја соопшти Ентони Гулиелми, кој поради безбедносни причини не откри детали за идентитетот на агентот ниту за установата во која бил хоспитализиран.

Клучниот момент што спречил потешки последици, според него, е заштитната опрема.

„Панцирниот елек што го носел помогнал да се избегне можна трагедија“, изјави Гулиелми.
Агентот бил погоден директно во заштитната опрема додека се обидувал да го совлада напаѓачот во лобито на хотелот, каде што се одржувала свеченоста.

За состојбата на ранетиот се огласи и Доналд Трамп, кој потврди дека разговарал со него по инцидентот.

„Во одлично расположение е. Му рековме дека го сакаме и го почитуваме. Тој е човек кој е исклучително горд на тоа што го работи“, изјави Трамп.

Инцидентот се случи за време на традиционалната вечера во Вашингтон, кога вооружен напаѓач отвори оган во предворјето на хотелот, по што беше совладан од безбедносните служби. Истрагата за нападот продолжува.

Back to top button
Close